САД одобрија продажба на ракети „воздух-воздух“ за Финска во вредност од 1,07 милијарди долари
Соединетите Американски Држави објавија дека го одобриле предлогот за продажба на современи ракети „воздух-воздух“ и придружна опрема на Финска, со вкупна вредност од 1,07 милијарди долари. Финска, која е членка на НАТО и има долга граница со Русија, ќе ги добие овие системи за дополнително зајакнување на својата одбрана, јави АФП, пренесува БГНЕС.
„Предложената продажба ќе ја подобри способноста на Финска да се справува со сегашните и идните закани и ќе ја зајакне нејзината интероперабилност со американските и другите сојузнички сили,“ се вели во соопштението на Агенцијата за безбедносна и одбранбена соработка на САД (DSCA).
Од DSCA додаваат дека договорот ќе ги поддржи надворешнополитичките и безбедносните цели на Вашингтон, зајакнувајќи ја сигурноста на сојузник од НАТО кој придонесува за политичка стабилност и економски развој во Европа.
Американскиот Стејт департмент го одобри овој предлог, а DSCA го достави потребното известување до Конгресот на САД, кој треба да даде конечна согласност.
Финска, заедно со Шведска, се приклучи на НАТО откако се откажа од долготрајниот воен неутралитет по целосната руска инвазија врз Украина во 2022 година.
