| |

Салонскиот феминизам на активистите за правата на жената

Ели Секуловска

Се наближува празникот 8- ми Март, празник кој би требало да значи борба за економска и политичка слобода на жената, но денес е претворен во кафеански феминизам, анестезија со еден каранфил и софра платена од претпријатието. Целата оваа кафеанска прослава на празникот на жената е навредлива за суштината на самиот празник. Претпријатијата кои ги организираат овие вечери често се истите оние каде што жените се помалку платени, каде што се соочуваат со мобинг или каде што бременоста е пречка за нивната кариера.

Додека радикалната верзија на Клара Цеткин која вели дека :” Правата не се подаруваат, тие мора да се извојуваат ”,се дави во кафеанскиот феминизам, на денот 8-ми Март се очекуваат и долгите трактати на Претседателката Гордана Силјанвска Давкова, која самата себеси се претставува како активист за правата на жената. Најверојатно нејзиниот говор ќе биде проследен со салонска фолкорна леснотија која е мајка на вербализмот и сите веќе слушнати фрази. Таквата мимикрија ќе биде врв на лицемерието затоа што црните статистики на фемициди во Македонија покажуваат нешто друго. Очигледно е дека кафеаната и лесниот фразеолошки наратив на говорите е простор каде што траумата се маскира со фолклор. Денес, кога Северна Македонија стои во место, додека пак агресијата стана дел од секојдневното живеење и е прифатена како дел од Modus Vivendi, тешко дека некој навистина ќе изврши промени и дека целиот овој фолклор ќе доживее некоја аналитичка критика. Или како што ќе каже Клара Цеткин:”Оние кои не се движат не ги ни забележуваат своите синџири.”.

Следствено на тоа, како што напоменав погоре, статистиките за Северна Македонија во однос на бројот на убиства на жени се поразителни. Според Генералниот директорат на Европската комисија задолжен за обезбедување на Европската унија со статистички податоци на европско ниво-Еуростат, Македонија се наоѓа на трето место по бројот на фемициди во Европа и го завзема првото место во регинот. Имено, во 2023 година, Северна Македонија имала највисока стапка на убиства на жени во регионот, но само 1 % од сторителите завршиле во затвор.Статистиките велат дека се работи за долготраен тренд на фемициди во Северна Македонија. Исто така истражувањата покажуваат дека околу 30% од жените во Северна Македонија се жртви на економско насилство (контрола на пари и труд), но тие не пријавуваат затоа што се заплашувани.

Институциите во Сверна Македонија на сето ова реагираат со бирократска ладнокрвност. Недостигот на засолништа (shelter-центри), бавните судски процедури и полициската нечувствителност создаваат култура на неказнивост. Кога институциите на државата не го казнуваат насилникот, тогаш станува збор за државна небрежност или соучешништво .Тоа значи дека во Северна Македонија не се случуваат само фемициди, туку и феминициди, со директно учевство на државата.

Државата како соучесник

Современото значење на поимот “фемицид” или убиство на жена од страна на маж го воспостави активистката и социолог Дијана Расел на Меѓународниот трубунал за злосторство против жените во Брисел, Белгија во 1976 година. Додека Дијана Расел го користеше терминот “femicide” или фемицид  за да опише убиство на жена од страна на маж, антропологот и политичар од мексиканско потекло Марсела Лагарде во 90 – тите години на минатиот век му даде нов, поширок контекст воведувајќи го терминот “feminicidio” или феминицид . Според Лагарде кога државата не ги истражува убиствата, кога полицијата ги игнорира пријавите и кога судството ги ослободува насилниците, тогаш државата станува соучесник или поттикнувач на убиствата какви што примери познаваме денес, но и во минатото. Таа додава дека клучна компонента: за да се случуваат убиства на жени е неказнивоста на сторителите од страна на државните институции.

Институционалното затајување на државниот апаратус во Северна Македонија е само една верига која се протега низ годините како реликт од титовиот режим кој ги креираше озлогласените логори за убиства, осакатување и јавен линч на жените.

Malleus Maleficarum на југословенски начин

Во 1486 година , инквизиторот Ханрих Крамер го пишува и објавува својот трактат “Malleus Maleficarum” или познат како “Чеканот на Вештиците” со сите упатства за измачување на жени. Службениот масакар на вештерките со дозвола на тогашниот државно – црковен апаратус слободно можел да почне, додека пак својата кулминација ја достигнал помеѓу 1580 и 1630 година. Жените биле убивани затоа што со своето знаење кое за црквата претставувало закана и моќ, им пркоселе на машките авторитети. Цената на отпорот секогаш била смрт Политичкиот контекст на убиствата и садистичкото измачување била мизогинијата што може да се дефинира како институционална омраза и непријателство према жените.

Речиси 5 века покасно, за време на титовата ера, државниот апарат (УДБа) се чини како да напишал свој, интерен “Malleus Maleficarum”, но овој пат на југословенски начин според кој систематски била спроведувана тортура врз сите жени кои се осудувале да бидат храбри, интелигентни, неконфомисти, независни, револуционерни. Со амин на тогашниот југословенски политички врв беа формирани логори специјално дизјнирани за жени, додека пак истите, со помош на лингвистички еуфемизми и инверзија, беа нарекувани “домови за превоспитување”, маска под која требаше да се затскријат убиствата и измачувањета на жени иницирани од самата држава. Ако државата за време на титовиот режим затвораше жени, им ги бричеше главите, им ги одземаше децата и ги подложуваше на нехумана физичка работа, таа не вршеше „политичко превоспитување“. туку родово уништување. Логорските системи како Св. Гргур и Идризово каде завршија многу жени од Македонија, ги содржат сите елементи на државен феминицид – системско уништување на жената преку родово базирана тортура од страна на државата. Беа уништувани жени мајки, жени сестри, жени сопруги, жени просветителки и револуционерки со дозвола на тогашниот државен врв на Титова Југославија кој беше креатор на ослогласените логори.

Во тој контекст, ќе се навратам на зборовите на Марслеа Лагарде: ”Кога државата свесно дизајнира логори каде жените се тепани, изгладнувани и убивани, тоа е државно организирано насилство врз жените. Когаполицијата и затворските чувари убиваат жени во име на „револуцијата“, тоа е највисоката форма на феминицид бидејќи жртвата нема каде да побегне – системот кој треба да ја штити е нејзиниот убиец.Најсуровиот феминицид е оној кој го врши државниот апарат со полициски пендрек, со затворска самица и со систематско понижување.

Кога една жена ќе починела од тепање или исцрпеност, државата го прикривала тоа, не преземала одговорност и не ги известувала семејствата — што е класичен пример за неказнивост, карактеристика за феминицидот. Да не ги заборавиме и жените кои беа стрелани или убивани без суд во Битола.

После излегувањето од логорите, преживеаните жени се соочувале со друга , доста прикриена, но многу агресивна димензија на тортура. Тие морале да потпишат обврска дека никогаш нема да зборуваат за тоа што го преживеале во логорите, така што тој присилен молк ги изолирал дури и од сопствените спомени. Покрај нивната болка, тие се соочиле и со „социјална смрт“, или невиден остракизам кој бил социјален, граѓански и економски. Тие често биле стигматизирани, понижувани и исмејувани на улица што сето тоа резултирало со нивно целосно повлекување од социјалниот живот. Повторно, тоа било прецизно дизјнирано од самата држава, монструозен инжењеринг направен за совршена девалвација и кршење на личноста и интегритетот на жената преку големиот апарат на кодоши, што укажува дека тоа било само продолжение на невидена тортура, па дури и убиство од страна на тогашниот државниот апарат. Бидејќи остракизмот е продолжение на убиството. Затворени дома и без работа, жените бивши логорашки повторно го доживувале најстрашниот остракизам кој бил внатрешен затоа што најгласна беше тишиниата и нивните солзи.

Денес, кога по малку се зборува за репресивниот апарат за време на Титовата ера, фокусот е секогаш на машките логори. Женските страдања се сметаат за споредни или помалку значајни. За жал нема историчари кои имаат капацитет да го препознаат родовиот аспект на тортурата – дека тепањето на трудници, сексуалното изживување , осакатувањето и дека ниту една жена после излегувањето од логорите не можела да зачне, се специфични алатки за уништување на женскиот идентитет.

Кога државата и општеството одбиваат да го именуваат убиството на жените во Идризово или Св. Гргур како феминицид со учество на државата, тие го оправдуваат злосторството. Ниту една власт во Македонија по 1991 година не направи вистински обид за целосно соочување со минатото на УДБа. Ако државата прво физички те мачела (Свети Гргур и Идризово), а потоа социјално те избришала (по излегувањето), а денес се обидува да ја избрише вистината за тебе (преку премолчување на внуките), тогаш тоа е континуиран процес на феминицид. Државата не само што учествувала во убиството на нивните тела и духови, туку и денес учествува во убиството на нивното сеќавање. Многу внуки кои пораснаа во семејства каде што бабите беа „чудни“, „тивки“ или „скршени“ денес се борат против последната фаза на тој феминицид – бришењето на постоењето.Денешниот остракизам се гледа во тоа што државата одбива да ги рехабилитира овие жени како жртви на феминицид, оставајќи го семејството само да го носи товарот на стравот кој им бил всаден од УДБа. Најголемото предавство е она врз внуките на жртвите.и денес се соочуват со нов остракизам. Кога ќе побараат правда за нивните баби, тие сме прогласени за „непријатели на системот“ или „ревизионистки“. Највисоката форма на остракизам е целосниот заборав. За многу од тие жени, кои го поминале пеколниот пат на логорите, досиејата не може да се најдат. Жените треба да бидат заборавени, како да не постоеле

Комитеите за човекови права и активистите од невладините организации во Северна Македонија наместо да го отворат ова црно петно, наместо даго нападнат изворот на насилството (државата и нејзиниот историски континуитет), тие се фокусираат на симболични борби кои не ја загрозуваат нивната позиција во елитата.

Модерниот феминизам во Северна Македонија е инклузивен само за оние кои не го предизвикуваат неговиот крвав темел. Внуките на жените логорашки пак се оставени сами, изолирани од официјалната историја, во трајна социјална изолација која ја диктираат истите оние кои тврдат дека се борат за женските права. Два спротивни женски света, едниот изолориан и со болка, другите, наводни бранители за женски права, удобни феминистки и позерки кои ни прават сопки во дожаување на вистината за нашите баби додека ние се соочуваме со институционален и секаков вид на остракизам и понижувања.

Текстот е напишан во чест на жените кои државата ги скрши, а историјата ги заборави. 



Слични Објави