| |

Трамп: „Средбата со Путин беше 10 од 10, сега е редот на Зеленски да постигне договор“

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека имал „многу добар состанок“ со рускиот колега Владимир Путин, оценувајќи ја средбата како „10 од 10“, јавува БГНЕС. Во интервју за „Фокс њуз“ со Шон Ханити, Трамп истакна дека секогаш имал одлични односи со Путин и дека состанокот бил топол и позитивен.

„Ќе видиме што ќе се случи понатаму. Сакам да видам луѓето да престанат да умираат“, рече Трамп, додавајќи дека сега е редот на украинскиот претседател Володимир Зеленски да постигне договор, заедно со поддршка од Европа. Тој потврди дека и Путин и Зеленски го сакаат неговото присуство на потенцијална идна средба за мир.

Трамп призна дека погрешил кога мислел дека конфликтот во Украина ќе биде „најлесниот“ за решавање и дека сега смета дека е „најтешкиот“. Според него, можен е напредок во размена на воени заробеници, но преговорите се сѐ уште во тек.

На прашањето за можни територијални отстапки кон Русија и безбедносни гаранции за Украина, Трамп рече дека тие точки биле делумно договорени со Путин. „Мислам дека сме прилично блиску до крајот. Украина треба да се согласи на тоа“, нагласи тој, советувајќи го Зеленски: „Треба да постигнете договор“.

Американскиот претседател најави дека засега нема да воведува дополнителни санкции кон Русија, откако состанокот поминал успешно, но не ја исклучи можноста за тоа во наредните недели.

Трамп го пофали Путин како „силен“ и „исклучително тврд“ лидер и повтори дека војната „никогаш немаше да се случи“ доколку тој бил претседател во моментот на руската инвазија. Тој, исто така, ја оцени како „многу мила“ изјавата на Хилари Клинтон, која рече дека би го номинирала за Нобелова награда за мир ако успее да посредува во постигнување мир во Украина без Украина да отстапи територии на Русија.

Слични Објави