Самоубиствена самоизолација
Џелал Хоџиќ/Civil media
Завршија локалните избори, продолжува животот со реалните проблеми, како на граѓаните, така и на единиците на локалната самоуправа, но и на државата со своите институции. Првите локални избори во државата кои завршија со излезност помала од 50% од вкупниот број на запишани во избирачкиот список. Дополнително, преку 50.000 неважечки гласачки ливчиња од граѓаните кои одлучиле да излезат на избирачките места. Посебно е слаба излезноста во средините каде што етничките Македонци се мнозинство. Избран градоначалник на Скопје со помалку од 100.000 гласа… Сѐ на сѐ, чудни локални избори, во една чудна атмосфера, но со јасни индикатори од резултатите дека мнозинството граѓани немаат доверба во политичките партии, ниту во актуелните политички процеси кои се одвиваат во општеството. Во целата оваа атмосфера свој удел имаат и поголем дел од медиумите, кои беа вклучени во пропагандната машинерија на разните политички центри, па им ја згадуваат политиката на просечниот граѓанин.
Република Северна Македонија се наоѓа во општествена криза
Општествениот контекст многу потсеќа на оној после 2008 година, кога државата после неуспешниот самит на НАТО во Букурешт излезе од шините на евроатлантските интеграции. Северна Македонија денес е членка на НАТО, но јасно е дека повторно е излезена од шините на европските интеграции. Како што изгледа состојбата денес, тешко дека набрзо и ќе се вратиме таму. За Скопје денес – Белград е новиот Брисел.
По сите параметри, власта на Мицкоски е полоша и од онаа на Груевски. А Гордана Силјановска Давкова е повеќе тема на потсмев и од Ѓорѓи Иванов во најлошите денови. Да бидеш полош од Груевски, и да ти исмеваат повеќе од политичар чиј прекар беше „Фикус“, а сѐ тоа само за една година и кусур, треба сериозно да се потрудиш да ги оплескаш нештата.
Падот на ВМРО-ДПМНЕ од 140.000 гласа за една година и кусур, уште ако на тоа ги додадете падовите на ЗНАМ и ВЛЕН во нивните резултати во оваа година и кусур, јасно покажуваат дека разочарувањето и кај оние кои ги гласале владејачките партии на минатите парламентарни избори е фрапантен.
Секако дека и опозициските партии треба сериозно да размислат зошто на олкаво разочарување нема доволно препознавање на нивната политика како алтернатива. Во секој случај, на убедливо мнозинство на граѓани им е јасно дека државата се движи во погрешен правец.
Како што гледате деновиве, после јасниот европски извештај кој го нотира стагнирањето и назадувањето на Северна Македонија во нејзиниот развој, реториката на Претседателката на државата Силјановска-Давкова, премиерот Мицкоски, како и на ВМРО-ДПМНЕ, стана отворено непријателска кон Европската Унија. Реторика која потсеќа на онаа на недемократскиот режим на Вучиќ. Релевантниот извештај на ЕУ за власта стана „извештајче“, а фразата на режимот на Вучиќ – „Ако денес го признаеме Косово, утре сме во ЕУ“ во нашата домашна верзија, со лоша копија, стана – „Ако денес ги ставиме Бугарите во Уставот, утре сме пак најдобрите во регионот на патот кон ЕУ“. Ова се само неколку од многуте примери преку кои власта сака да го релативизира годишниот европски извештај за Северна Македонија.
Недовербата на граѓаните во институциите, партиите и политичките процеси, временото откажување од стратешката цел на државата – членство во ЕУ, поголемата инфлација од растот на економијата, отворената конфронтација со ЕУ, како и отвореното вето на реформите со ставот – „Не е време за реформи, зашто е време на војни“ – јасно покажува дека Северна Македонија е изместена од шините на одржлив развој (и демократски и економски). Ако нема предвидлив демократски и економски развој, ако државата нема предвидлива европска перспектива, тогаш ние по дефиниција влегуваме како држава во нешто што се нарекува општествена криза. Општествена криза која во себе содржи повеќе кризи, како што е економската, институционалната, политичката криза…
Економијата на Северна Македонија заостанува и зад регионалните економии
Ако дел од гласачите можете да излажете со популистички и примитивно националистички наративи, тоа никако не можете да го пресликате врз текот на економијата во државата. Економскиот живот има свој тек кој, пред сѐ, бара правна држава, здрави институции, фер терен за натпревар и секако – предвидлива европска иднина. Ќе изјават претставниците на власта дека не е крај на светот што странски фирми си заминуваат од државата. Но тие игнорантски изјави на неодговорните политичари ниту ќе донесат нови плати за оние работници кои останале без работа, ниту пак ќе допринесат за некаков раст на македонската економија.
Доволно е, почитувани, сами да направите компарација на минималните и просечните плати на државите од регионот, како и јавниот долг на државите од регионот, потоа сето тоа да го ставите во временските рамки кој од каде почнал во изминатата година, две, пет, десет, дваесет и триесет години и ќе дојдете сами до заклучок дека нашата економија е најслаба дури и во регионот на Западен Балкан. Доволно е да прошетате во главните градови на околните држави и ќе видите дека просечниот граѓанин на Скопје живее полошо од оној во Тирана, Приштина, Подгорица, Сараево… а да не зборуваме за Атина, Софија, Љубљана.
Импотенцијата на македонската економија е резултат на неодговорната изолационистичка политика на политичките елити, како и алчноста на претставниците на олигархијата, а чиј заеднички интерес е одржување на ова неподносливо присуство на корупција, по секоја цена. Корумпираните политичари, во спрега со олигарсите не размислуваат оваа состојба да се промени, тие сакаат сѐ вака да остане. Затоа не размислуваат за коренита промена на моделот на македонската економија, туку само на купување на социјалниот мир, за сѐ ова да трае што повеќе денови, недели, месеци и години.
Овој економски модел е осуден на пропаст, прашање е само на време. Целиот овој економски систем иде во амбис, а последиците од колапсот ќе бидат врз државата и граѓаните. Реформата на македонската импотентна економија не е можна без знаењето, технологијата и парите на ЕУ.
Во една реченица: Власта, со поддршка на олигархијата, ја води државата во самоубиствена самоизолација, далеку од демократскиот свет и развиените пазарни економии.

