Сандански… митови, реалност и вино

//

Пишува: Владимир Перев

Кај обичниот македонец, името Сандански е поврзано со две асоцијации-првата со Јане Сандански, во нашата митологија познат како голем борец против турското ропство, потоа голем борец против бугарскиот царизам и на крајот голем борец за Македонија и македонството. Втората асоцијација која доаѓа подоцна се поврзува со градот Сандански во Бугарија, или Пиринска Македонија, кој како сака.

За Јане знаеме речи си сѐ. Почнал како чирак-чевлар, се издигнал до управител на затворот во Дупница, не бил во основачите на ТМОРО, ама бил член на Врховниот комитет и бил пријател на Цар Фердинанд кого лично го посетувал во Дворецот, притоа наоружан, носејќи го слободно својот револвер. Борец против Турција, но на плата кај турските функционери, бил нивен соработник и го нарекувале “Безим Јане“, што би значело “Наш Јане“. Пријател со царот Фердинад, ама близок со социјалистите, каде спроведувал проруска политика. Заради сето тоа БКП го обоготворува и од околиски војвода, го прави национален херој. Денес посебно е ценет и во Софија и во Скопје, а бога ми и во Москва, заради спроведување на политиката на федерирање со Југославија, поточно заради вознесот на идеите за балкански федерализам. Заради неговата лукавост и конвертитство, често пати е мета на атентат, но коначно е убиен на Пирин на 22 април 1915 година. На погребот венец и изрази на сочувство испратил и Цар Фердинанд, а венецот го положил “вториот“ најдобар пријател на Царот, Јонката Вапцаров, таткото на поетот Никола Јонков Вапцаров. Колку да се знае, по легендите на месното население, главните владетели на Пиринскиот крај биле “Царја и Вапцарја“…нивниот збор бил последен. “Социјалистот“ Сандански бил алчен и грабежлив човек, насилен кон селанството во Пиринско. Го организира и нарачува убиството на дејците на ВМРО, Гарванов и Сарафов, па така станува родоначалникот на братоубиствата во Македонското револуционерно дело. Записникот за имотот направен по неговата смрт, пресметан по курс на Бугарската народна банка, во однос англиска фунта-бугарски лев (1996 г.), би достигнал фантастична сума од 120 милиони лева во денешно време, нешто околу 65 милиони евра.

Како што Сандански го материјализирал револуционерниот занес на масите во турско време, правејќи фантастичен капитал, така по 1945 година, бугарската комунистичка власт го материјализира и официјализира неговото (не)дело. По добриот болшевички обичај на смена на “непогодни“ имиња, малото и прекрасно место “Свети Врач“ го менуваат во град Сандански. Кога се каже Свети Врач, се мисли на Светите Врачи-библиските лекари Кузман и Дамјан, почитувани низ целиот христијански свет. За бугарските комунисти такво име на место не било погодно, па го материјализирале митот за Сандански, давајќи го неговото име на градот.

Вториот мит за Сандански е поврзан со ликот на римскиот роб и водачот на побунетите робови, гладијаторот Спартак. Према легендите тој е тракиец и се смета дека е роден во околината на Сандански, како некаков тракиски велможа. На влезот во градот ќе ве пречека прекрасниот паметник на Спартак, а еден од најубавите хотели во градот го носи името “Спартак“. Таму често може да се чуе македонски говор, на нашите кои доаѓаат во хотелот да уживаат во гостоприемството и топлата лековита вода во состав на хотелот. Здравствен туризам од повисока класа, ама со прифатливи за нас цени!

Сандански е прекрасно брдовито место со околу 25 илјади жители, мирно, тихо и прекрасно уредено. Ја има најубавата клима во Бугарија и најголем број сончеви денови. Тој е туристички и балнеолошки центар, со изобилие на минерална, топла и лековита вода, распоредена во речи си сите хотели во градот. Лековитите својства на водата се од областа на алергиите и на дишните патишта, а лечи кожни и други болести. Тоа е првата и видлива реалност на градот.



Хотел „Спартак“ Сандански

На секое место, најважната реалност се луѓето. Во Сандански тоа се топли, гостоприемливи, но револуционерно и патриотски ориентирани граѓани, цврсто вкоренети во револуционерните традиции на местото. Заради тоа, група граѓани на Сандански има формирано здружение за очувување на традициите на бугарската писменост и книжевност на бугарските културни пространства. Патриотот и долгогодишниот културтрегер на градот, Димитар Тошев формира здружение-фонд за запазување на ликот, делото, духовното но и материјално наследство на големиот бугарски писател од Прилеп, Димитар Талев. Целта на здружението е да се откупи куќата на Талев во Прилеп и да се претвори во културен дом и место за средби на културните работници од двете држави, место на пријателско дружење. Петмината херои на културата на Сандански, председателот Димитар Тошев, наставникот Бојчев, директорот на Музејот Тони, пензиониран офицер и уште еден патриот, поддржани од ред граѓани на Сандански и од управата на хотелот “Спартак“, образовани луѓе, ја водат битката за спас на ликот на едно творештво. Конечно, сега ќе интервенира и бугарската држава, па така нештата ја добиваат својата целина. Нивната заслуга е огромна, безгранична. Не само митовите се дел од нашите заблуди. Понекогаш и добрите намери можат да доведат до погрешни решенија, за да го потврдат старото правило дека “патот до пеколот е поплочен со добри намери“. Добросовесноста на петмината од Сандански понекогаш е злоупотребувана, погрешно насочувана и не секогаш во насока на општодржавните и национални интереси на народот од двете страни на границата. Сепак, грешки не се направени, нешатата се движат во правилна насока, што е уште една потврда на исправната политика на петмината од Сандански.

Археолошкиот музеј во град Сандански

Виното е најубавата реалност на Сандански…видлива, опиплива и употреблива. Историскиот Мелник е на само неколку километри од градот, а вината од тој регион се познати низ целиот свет. Сите сорти се тука, а мерлото, вранецот и мелнишката широка ги даваат најубавите вина. Сите сакаат да се сретната со таа и таква реалност, за по неколку чашки да заборават на митовите и лажните величини.

Не е сѐ така мирно како што изгледа. Група граѓани на Сандански подготвува резолуција до Градското собрание, името на градот да се промени и да се врати старото име Свети Врач. Се чека погоден помент, онака како што бугарските комунисти, во погодниот и крвав момент го наметна името на Сандански на градот. Слична иницијатива има на граѓани од Благоевград, кои името на стариот левичар Димитар Благоев, дадено на градот по војната, сакаат да го проенат и вратат старото име, Горна Џумаја…ќе видиме како ќе се заврши работата. Со бугарите никогаш не се знае.

Лажен е мирот во Пиринскиот крај. Има бура, не толку лесно видлива, но присутна. Затоа виното ни помага да се ослободиме од митовите и заблудите, да заборавиме на тешките моменти од минатото, но и да се потсетиме на херојствата и трагедиите на народот. Да се движиме напред, отрезнети и со нови идеи, соодветни на новото време!

Претходна статија

Бугарскиот бизнисмен и мецена д-р Милен Врабевски финансиски го помогна детското ликовно ателје „Св. Кирил и Методиј“ во Битола

Следна статија

Западот води несоодветна политика во однос на Белград

Најново од Истакнато

Последниот атентатор (8)

Спомени на Крсто Петрушев (1913-2007) од Богданци, припадник на ВМРО, запишани од Владимир Перев. На почетокот