|

СДСМ денеска на вонредни внатрепартиски избори ќе избира нов лидер на партијата

СДСМ денеска на вонредни внатрепартиски избори ќе избира нов лидер на партијата. Гласањето ќе се одвива на 77 избирачки места ширум земјава, а своето право на глас ќе можат да го остварат околу 23 илјади акредитирани партиски членови.

Во трката за нов лидер на СДСМ остануваат поранешниот министер за здравство и актуелен пратеник Венко Филипче, директорот на ТИРЗ Јован Деспотовски, како и поранешниот заменик министер во МИОА Александар Бајдевски, откако поранешната министерка за одбрана и актуелна пратеничка Славјанка Петровска, вчера, на еден ден пред изборите ја повлече кандидатурата.

Преку официјално писмо до Централната изборна комисија за претседателските избори во СДСМ, Петровска побара нејзиното име да не стои на избирачкото ливче, иако во изјава за медиумите рече дека таа сепак ќе се најде на избирачкото ливче, бидејќи материјалите биле веќе отпечатени.

Таа ги повика останатите тројца кандидати да се откажат од внатрепартиското гласање за избор на претседател на партијата, бидејќи, како што рече, изборниот процес бил нефер, односно еден од противкандидатите имал пристап до базата на податоци и ги злоупотребувал личните податоци на членовите на партијата. Посочи дека до неа стигнале информации дека во определени општински организации се појавиле одреден број гласачи, кои не побарале да бидат регистрирани, односно, како што рече, некој користејќи ги алатките во нивно име ги регистрирал.

Четворицата кандидати месецов водеа предизборна кампања, најавувајќи реформи во партијата, како и обединување на членството.

Претседателката на Централната изборна комисија за избор на претседател на СДСМ, Викторија Аврамовска-Мадиќ, рече дека Комисијата работела напорно за да спроведе транспарентен и демократски процес, затоа внатрепаритското гласање в недела ќе се одржи.

Во врска со вчерашните забелешки на Петровска, Мадиќ рече дека тоа е нејзино право. Нагласи дека дел од доставените приговори од страна на некои општински организации биле прифатени, дел не.

Избирачкиот список ќе брои вкупно 23.373 акредитирани членови на СДСМ.

Досега, на чело на партијата беа Бранко Црвенковски, Владо Бучковски, Радмила Шекеринска, Зоран Заев и Димитар Ковачевски.

Слични Објави