|

СДСМ: Кандидатката на Груевски е иста како него, Данела е против покачување на минималната плата, против работниците

Кандидатката на Груевски е иста како него, Данела е против покачување на минималната плата, против работниците, велат од СДСМ во соопштението кое го пренесуваме интегрално:

Кандидатката за градоначалник на Град Скопје Данела Арсовска е иста како нејзиниот ментор Никола Груевски, се противи секогаш кога парите завршуваат кај граѓаните.

Додека минималната плата постојано растеше, ВМРО-ДПМНЕ и Арсовска беа против секое ново покачување.

За Арсовска зголемувањето на минималната плата било вештачко, ќе довело до колапс на илјадници претпријатија, а економијата тоа не можела да го поднесе.

Арсовска, кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ, без срам и перде се обрати на „Текстилијада“ да зборува за работнички и женски права.

Токму текстилните работнички имаа најголема придобивка од минималната плата, затоа што вработените во оваа индустрија како и вработените во кожарската и чевларската индустрија со години добиваа плати кои беа под законскиот минимум, односно под 9.000 денари.

Во изминатите четири години СДСМ минималната плата ја покачи за над 6.000 денари, од 9.000 на 15.200 денари.

Со ревитализација на економијата и успешното надминување на последиците од коронакризата, намерата е минималната плата до крајот на годината да изнесува 18.000 денари.

Тоа е двојно или стопроцентно зголемување во однос на 2017 година.

Денес, фактите ја демантираат Арсовска. Нема изгубени места поради повисока минимална плата, растот на БДП изнесува 13,1 отсто, а стапката на невработеност е на најниски 15.9%.

Арсовска се грижи само за зголемување на приходите на бизнисмените, а не на работниците.

Затоа на 17 октомври ја чека убедлив пораз и казна од граѓаните за нејзиното арогантно и антинародно однесување.



Слични Објави