Се испитува дали полицаецот или шверцерот пукал од пиштолот на МВР, со кој е убиена мигрантката во Гевгелија
Одделението за истражување и гонење кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција испитува дали полицаецот или шверцерот го испукал куршумот што усмрти мигрант во Гевгелија. Обвинителството рече дека се дадени повеќе наредби за вештачење.
„Со цел да се испита одговорноста на полицискиот службеник формира предмет и донесе наредба за вештачење на папиларните линии на службениот пиштол, како и на други траги врз основа на кои ќе се утврди кој го испукал куршумот со кој е предизвикана смртта кај мигрантката“, велат од Обвинителството.
Според информациите, пиштолот од кој е испукан куршумот е службен на полицаецот што се обидел да ги сопре двајцата шверцери додека тие бегале. Тие се степале со него, па во турканицата имало пукање. Куршумот погоди млада мигрантка, која почина.
Вчера, и МВР излезе со информација за настанот.

