СЕДУМ ЗЕМЈИ-ЧЛЕНКИ НА ЕУ ГЛАСАЛЕ ПРОТИВ ОТВОРАЊЕ ПРЕГОВОРИ СО СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

/

Седум земји-членки на Европската Унија гласале против отворање на преговори со Северна Македонија и Албанија на вчерашниот Совет на министрите за надворешни и европски работи што се одржа во Луксембург.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, на „Твитер“ објави дека против отворање преговори гласале Франција, Холандија, Германија, Данска, Луксембург, Белгија и Шпанија.

Дванаесет земји-членки биле „за“ преговори: Полска, Унгарија, Словачка, Чешка, Италија, Словенија, Хрватска, Бугарија, Романија, Естонија, Латвија, Литванија. Останатите, меѓу кои и Грција, биле воздржани, напиша Милошоски.

Министрите за надворешни работи на Европската Унија вчера не се согласија околу доделувањето датум за почеток на преговори за Северна Македонија, но и за Албанија. Тие се договорија најдоцна до октомври да се навратат на ова прашање.

„Потврдувајќи ги своите заклучоци од 26 јуни 2018 година, Советот силно го поздравува историскиот Преспански договор, како и Договорот за добрoсоседски односи со Бугарија, и се осврна на препораките на Комисијата за отворање на пристапни преговори со Република Северна Македонија врз основа на нејзината позитивна оценка за постигнатиот напредок и исполнувањето на условите утврдени од Советот. Поради ограниченото време на располагање и важноста на предметот, Советот ќе се врати на ова прашање со цел да се постигне јасна и суштинска одлука што е можно поскоро и не подоцна од октомври 2019 година“, се наведува во заклучокот на Советот за општи работи на Унијата.



Еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, на прес-конференција соопшти дека малцинство земји-членки на Советот не ја поддржале чистата препорака на Европската комисија за доделување на датум за преговори на денешниот состанок.

„За жал малцинство земји-членки не ја поддржаа чистата препорака на Комисијата за отворање преговори за пристапување во ЕУ со Северна Македонија и Албанија“, рече Хан.

Додаде дека е уверен дека во октомври ќе има одлука за почеток на преговорите со Северна Македонија.

Извор: Макфакс



Претходна статија

ЏАФЕРИ ВО КИНА: ПОСЕТАТА НА ВИСОКО НИВО Е СО ЦЕЛ ДА ЈА ПРОШИРИМЕ ЕКОНОМСКАТА СОРАБОТКА

Следна статија

КРИВИЧНА ПРИЈАВА ЗА Ф.С.(56), РЕГИСТРИРАЛ ВОЗИЛО СО ЛАЖНИ ПОДАТОЦИ

Најново од Вести