СЕКОЈА ГЕНЕРАЦИЈА ИМА СВОЈА БОРБА – 77 ГОДИНИ ОД ФОРМИРАЊЕТО НА ПРВИОТ СКОПСКИ ПАРТИЗАНСКИ ОДРЕД
Денеска, во Општина Карпош, пред споменикот во Карпош 3, се одбележа 77 годишнината од формирањето на Првиот скопски партизански одред.
На настанот присуствуваа претставници од Сојузот на борци на Град Скопје и на Општина Карпош, а пред присутните се обратија градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев и претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева.
– Денеска сме должни да го чествуваме овој ден – 77 години од формирањето на Првиот скопски партизански одред, да се однесуваме со пиетет и должна почит кон борците кои ги дадоа своите животи за да живееме во слободен град, слободна држава.
Народнослободителната борба е светлиот период од македонската историја, моментот кога сме застанеле јасно и недвосмислено против окупаторот.
Од оваа причина, повеќе не смеат да постојат дилеми за односот и третманот кон Сојузот на борците. Почитта, достоинствениот однос и континуираната поддршка, во ниту еден случај не смеат да бидат доведени во прашање, рече Богоев.
Градоначалникот го истакна и важниот период пред кој се наоѓаат денешните генерации, ставајќи акцент на потребата за целосно интегрирање на Република Македонија во Европската унија и НАТО, со што ќе се обезбеди стабилна сегашност и иднина за нашата држава.
Историски осврт на денешниот ден даде претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева, која детално и описно говореше за подвизите на борците и нивната жртва за денешната слобода.

