| |

Северна Македонија или Отворен Балкан, прашањето е сега?

Facebook статус на Никица Корубин

Кампањата за избори е започната. Но, не онаа за предвремени избори. Бидејќи нели не е “одговорно и државнички да се трошат пари попусто”, како што би рекол претседателот на ВМРО-ДПМНЕ. Навистина? Дали после “јубилејното 100-то” барање за предвремени избори, некој почнал да се грижи за “парите на државата” и особено за “одговорноста и државништвото”? За жал не. Затоа што без разлика на секојдневното “замајување” на јавноста, со теми за дефокус, всушност сите се многу фокусирани на главната цел: како да се сочува контролата. Која, делумно, доаѓа и преку власта.

И токму затоа, оваа “грижлива” изјава на главниот опозиционер, воопшто и не се однесува за предвремените избори (каде што претпоставувам и не е битно дали “пари попусто ќе се трошат”), туку за можното спојување на парламентарните со претседателските избори следната година. А, тука грижата е многу поголема. И е заедничка, опозиционо-позициона. Кое “заедништво” разбирливо, како и за се’ друго, како на пример за уставните измени е споделено: за “чувствителни” теми смее да зборува само еден (опозицијата), а позицијата да молчи. Само што премолчената вистина е поддршка, зарем не?

Каква што е на пример “вистината” за Отворен Балкан, тој токсичен параван за “српски свет”, чие наше учество “треба да се преиспита”, доколку како што вели министерот за надворешни работи “Србија треба да направи напор и да докаже дека не е вмешана во случувањата на северно Косово”. Значи, учеството во “случувањата на северно Косово”, зависи од “напорот”, а не од фактите? На страна што се’ е погрешно во оваа изјава, во веќе низата на погрешни изјави, кои последователно ги дава министерот за надворешни работи, во влада на НАТО и ЕУ кандидат земја, па уште и претседавач на ОБСЕ; туку како точно државата Северна Македонија ги третира терористичките напади во државата Косово? Затоа, што на ваков начин дадена изјава, не сугерира излегување од Отворен Балкан, туку зацементирање на двоецот Отворен Балкан, затоа што толку останавме, барем јавно. И никако не сугерира објективност во “случувањата” во Косово, туку скандалозна и опасна пристрасност.

Туку, кога веќе сме кај Отворен Балкан, да се потсетиме која беше (и е) неговата врска со кампањата за избори, на почетокот од текстот, која што нели е веќе започната. Проектот “Отворен Балкан”, наследникот на “Мини Шенген”, некако случајно излезе во јавноста таа 2019 година, кога нагло се влошија односите со Бугарија, и кога напрасно на една од многуте “лидерски средби”, овој пат кај претседателот на државата, дојде и експресно се прифати идејата за предвремени избори. Иако, Северна Македонија се’ уште не беше член на НАТО, а ниту ги имаше започното преговорите со ЕУ. Опасна авантура, некој би рекол, од оваа перспектива, особено кога доаѓа(ла) од страна на про-европска влада.

И таман партократијата ги “темпираше” изборите за април месец 2020, што би значело “поклопување” на наредниот циклус 2024 на парламентарни и претседателски избори; кога на почетокот на 2020 година, при распуштен парламент и техничка влада изби КОВИД пандемијата. Непредвидливи и неконтролабилни околности. Кои својот данок го земаат сега. Данокот на нерви, кај здружената позиција и опозиција, “внатрешно обединети”, за истовременост на “принудно” раздвоените парламентарни со претседателски избори. Виша сила. Која да не била, никогаш нашата партократија не би ја дозволила ваквата “непредвидлива ситуација”. По парите и исходот. И не толку исходот на изборите, туку уште повеќе за она што треба да се “скрие” позади исходот. Кој се чини, некако чудно за толку јавно “спротиставени” про-еу и анти-еу блокови, е во втор план. Дали некој друг план е “на сила”?

И затоа нека не’ ве чудат сите пародични “сценарија за вонредни состојби”, комични за “грижа за парите на граѓаните”, загрижени за “излезноста на изборите”; кога топтан цела позиција и опозиција, македонска и албанска, нема никаков, а не па јасен и концизен став, за двете актуелни прашања: Отворен Балкан и терористичкиот напад во Косово, со обид за дестабилизација на целиот регион. Во кој ние сме следни на ред, втори или трети, одлучува “партнерот” и “менторот”. На нашата “државничка и патриотска” партократија. Чудни се патиштата на жестоката битка за “задржување на контролата” и на наследениот систем на “статус кво ситуација”. Некогаш доаѓа преку партии, некогаш преку медиуми, некогаш преку Отворен Балкан, а некогаш преку споени избори. Но, никогаш преку уставни измени.

Ако не знаеш што е добро, гледај што се избегнува. Јавно и тајно. Појавно и скриено. Декларативно и суштински. Тоа се уставните измени. За конечна независност на државата, преку нејзина суштинска и функционална интеграција во ЕУ, како самостоен субјект, како граѓанска држава Северна Македонија. Ако еднаш ја спречи Отворен Балкан, нема белким втор пат да ја правиме истата грешка? Излегувањето ќе не’ ослободи како граѓани. Метафорички и фактички. А, дали ќе ги ослободи и партиите, за тоа сепак мора самите да решат.



Слични Објави