ШТО НИ Е ЦЕЛТА ВО СПОРОТ СО БУГАРИЈА?

Следејќи го развојот на дебатата околу ветото од Бугарија, искрено започнувам да се сомневам дека ние како држава почнуваме да се губиме во лавиринтот од решенија, кои сакаме да ги постигнеме.

loading...

Реално имаме две можности и тези од кои само една искрено можеме да ја заштитиме.Правото на самоопределување е гарантирано право во 21-от век. Илјадници меѓународни документи, договори, резолуции итн. го бетонираат како основно човеково право. И тука е шансата за нашите сограѓани, но и влада, да успеат да го забетонираат ова право и во рамките на разговорите со Бугарија.

Познавајќи ја сегашната бугарска политичка елита убеден сум дека ниту еден бугарски политичар, ниту граѓанин, има нешто против кој и да е да се самоопределува како сака, особено нема ништо против правото на самоопределување како Македонци. Тука нема ништо спорно. Но втората теза за тоа дека Македонците имаат континуитет векови наназад, историското минато на преродбениците и револуционерите е македонско и ние влечиме македонски културолошки и историски идентитет од тој период, како и тезата за тоа дека македонскиот јазик постои паралелно со бугарскиот и нашите преродбеници и револуционери го користеле, а притоа цел свет знае дека е кодифициран дури во 1945 година е нереална и неодбранлива.

Оваа теза е лесно оборлива и искрено ми е жал што дури во 2020 година македонското општество се судира со неа.Се сеќавам во училиште како ни објаснуваа за браќата Миладинови и нивниот зборник Македонски народни песни или само Народни песни, издаден во Загреб. Сум слушал десетици македонски професори и академици кои јавно на медиумите зборувале за македонскиот идентитет на браќата како и нивниот Македонски зборник на песни. За жал, иако знам дека ова ќе наиде на сериозен отпор, но изгледа нашите учители и професори искрено не ја зборувале вистината или пак воопшто и не смееле да ни ја кажат вистината.

Оние „светила“ како историчари и академици кои направија блескави кариери со високи плати и десетици книги, едноставно не ја зборувале и пишувале вистината. Оригинали од овој Зборник ќе најдете во Музејот на македонската револуционерна борба, барем таму јас сум го видел, но знам дека има и во многу наши библиотеки, но и во Институтот за национална историја. И ако ова навистина е така, а знаеме сите дека е така, се поставува клучното прашање зошто и кој имал интерес оваа невистина да вегетира години наред во македонскиот образовен процес и општество? Оваа теза е многу лесно оборлива вклучително со аргументи, факти и документи кои се чуваат во македонските музеи и архиви. Можеби ова е болната точка, можеби ова е моментот кој ние како општество тешко ќе го „пребродиме“, бидејќи на крајот на краиштата треба да констатираме дека некој намерно или ненамерно ја криел реалноста и вистината од нас.

loading...


Жално е што денес нема да видиме пак високо платени научници кои оваа реалност ќе му ја претстават на нашето општество, водени само од лукративни цели и искрен страв од „жигосување“ и негација. Затоа сметам дека македонските научници и историчари имаат долг кон македонското општество, долг кој сега е моментот да си го исплатат, бидејќи стигнавме во клинч и ќорсокак благодарение на нивните невистини и желби за лагодни и високо платени кариери. Нема ништо страшно кога човек не ја знае вистината и воден од емоции зборува невистини, но искрено опасно е за едно општество кога тие кои се повикани да ја знаат и ја знаат вистината ја прикриваат или манипулираат.

Автор: Петар Колев, претседател на Граѓанско Демократска Унија