|

ШТО ТРЕБА ДА ПРАВАТ ДИЈАБЕТИЧАРИТЕ ЗА ДА СЕ СПРАВАТ СО КОВИД-19

Лицата со дијабетес може да имаат тешки симптоми и компликации во тек на инфекцијата со Ковид 19, но доколку дијабетесот е добро контролиран, тогаш ризикот за сериозни компликации е сличен како оној кај општата популација, укажуваат од Универзитетската клиника за ендокринологија, пренесува Фокус.

Се препорачува лицата со дијабетес да имаат информации за контакт со нивниот лекар или медицинска сестра, како и навреме да обезбедат соодветни количини лекови и материјали за следење на дијабетесот дома, за да немаат потреба да го напуштаат домот доколку се разболат.

Кај лицата со дијабетес кои се заразени со вирусот може да дојде до влошување на гликемиската контрола за време на болеста. Тие треба да ги практикуваат „правилата при болест“ препорачани за каква било стресна состојба со цел да ја подобрат нарушената состојба со дијабетесот. Исто така, треба веднаш да се јават кај нивниот лекар/медицинска сестра за совет за тоа како да го следат нивото на шеќер во крвта, какви прилагодувања можеби ќе треба да направат во нивната терапија или исхрана и да добијат соодветна залиха на лекови (особено инсулин).

Освен општите препораки за заштита од вирусот, посебни препораки за лицата со дијабетес во случај на болест се:
• Внесувајте доволно течности
• Следете го нивото на шеќер во крвта
• Следете ја температурата
• Ако сте на инсулин, следете ги и кетонските тела
• Следете ги препораките на вашиот тим здравствени работници



Слични Објави