СИМОВСКИ:БРОЈОТ НА ГЛАСАЧИТЕ НИКОГАШ НЕ Е ИСТ СО БРОЈОТ НА НАСЕЛЕНИЕТО

Бројот на гласачите никогаш не е ист со бројот на населението. 1 814 263 државјани на Македонија имаат право на глас на предвремените парламентарни избори што ќе се оддржат на 15 јули, според Избирачкиот список. Бројот на жители, што се утврдува со попис, пак, е друга, статистичка, операција. Тие две работи не треба да се мешаат, вели за Анторис магазин директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски.
директор

Бројот на гласачите никогаш не е ист со бројот на населението

Македонија е единствената земја во светот што нема попис подолго од 18 години. Сите податоци од последниот прекинат попис во 2011 година се уништени во согласност со закон. Па така, не се знае зошто беше прекинат тој попис, а беа „фрлени“ 11 милиони евра.

  • Многумина се сомневаат во бројката од 1 814 263 гласачи и сметаат дека е голема. Односно дека зад таа бројка се крие некаква манипулација?

-Бројот на гласачите никогаш не е ист со бројот на населението. Избирачкиот список и пописот се две различни работи. Избирачкиот список се подготвува врз основа на Законот за избори. Според тој закон, секој државјанин на Република Северна Македонија, кој е полнолетен и кој нема психофизики пречки, има право на глас независно дали се наоѓа во државата или каде и да е на друго место на планетава.

Па, така, бројката што се наоѓа во избирачкиот список, што ја објави Државната изборна комисија, е сосема во ред. Можеби некого го буни споредбата на бројот на жителите што се наоѓаат во Македонија со „високиот“ број лица со право на глас, но на државјаните на Македонија што се наоѓаат во други земји не им е ограничено правото на глас. Ако се наоѓаат надвор, се пријавуваат во дипломатско конзуларните претставништва и имаат право на глас штом се наоѓаат на избирачкиот список. Ако децата на нашите сонародници во странство, родени таму, имаат наше државјанство и тие имаат  право на глас откако ќе наполнат 18 години. Ако немаат државјанство – немаат право на глас.

 Дефиницијата за попис ја пропишаа ОН

  • На овие избори дијаспората нема да гласа, дали тоа значи дека на наштие сонародници во странство им е одземено правото на глас?

– Не, правото им беше дадено, но тие не се пријавија. Изборите за нив требаше да се оддржат на 13 април, за тоа имаше проглас во дијаспората и требаше да се пријават одреден број лица за да може да се организира гласање. Не можете да праќате цел избирачки одбор во некоја далечна земја за еден пријавен гласач. Има правила во Законот, тие правила не се исполнија во ниту една земја во светот и гласањето на дијаспората е откажано.

  • Многумина правото на глас го мешаат со пописот?

– Дефиницијата за пописот е сосем различна. Таа дефиниција ја имаат пропишано Обединетите нации и важи за сите земји во светот. Според таа дефиниција се попишуваат лицата што се присутни во земјата, потоа државјани на земјата што се наоѓаат надвор од земјата пократко од една година и старанци што се престојуваат во земјата подолго од една година. Оваа метода се применува за да нема удвојување на бројот на исти лица во различни држави, за да може да се направи поширока слика надвор од државите, на пример за Европа, за другите континенти и за целиот свет. Нашите државјани што се наоѓаат подолго од една година во некоја држава, велгуваат во пописот на таа држава и ако ги вклучиме и ние во нашиот список – ќе имаме удвојување. Според ова, треба да се раздвојат овие две категории: избирачкиот список и пописот, а не од тоа да се прави проблем.

(Целото интервју на Бране Стефановски со Апостол Симовски прочитајте го овде)