СИНОТ НА ЗАРАЗЕНАТА СЕСТРА ОД НЕГОТИНО: МАЈКА МИ НИКОГО СВЕСНО НЕ ЗАГРОЗИЛА

Ристе Ристов, син на здравствената работничка, кој веќе подолг период живее и работи во Малта, го контактираше „Фокус” со цел да ја сподели хронологијата на настаните поврзани со болеста на неговата мајка, затоа што, вели дека не сака да се остава простор за шпекулации и да се шират невистини во врска со случајот.

„Мајка ми не оди на работа од минатата сабота. Во неделата ги почувствувала првите симптоми, по што се јавила на работното место и ги известила колегите. Кај матичниот лекар се јавила во понеделникот, а во вторникот и беше земен брис. Позитивниот резултат го доби вчера, во саботата, и за целото време од појавата на првите симптоми таа според законските процедури, не ја напушти куќата и остана во домашна изолација, не изложувајќи никого на ризик“ – појаснува Ристов, кој бил во секојдневен телефонски контакт со семејството.

Ристов додава дека искрено се надева како вирусот не е пренесен на други лица, и апелира да не се потпаѓа под шпекулации.

„Вистината е дека мојата мајка свесно никого не го загрозила. Нема место за шпекулации дека болна одела на работа, на место каде секојдневно доаѓаат голем број на пациенти. Уште по првиот симптом е повлечена дома, и тоа е чекор кој секој кој се сомнева дека е инфициран треба без размислување да го направи. Ние сме горди на неа и на нејзината совесност и грижа за заедницата и колективното здравје. Изолирани се нејзините блиски контакти, сите лица засега се без симптоми, во добра здравствена состојба. Короната може да му се случи на секој, посебно на медицинарите кои се изложени на огромен ризик, и покрај заштитната опрема. Најважно е да се покаже свест, да нема криење, и да се биде транспарентен“, изјави Ристов.