СКОПСКИТЕ „СЛЕПИ“ УЛИЦИ

Пишува: Владимир Перев

loading...

Предлозите за имињата на улиците во Скопје одново и одново не потсетуваат дека живееме во некаква темна временска дупка, некаква “Зона на самракот“ или некаде во овие зимски денови како во култниот филм “Денот на мрмотот“ (на неправедно заборавениот режисер Харолд Рамис)…а и се најдуваме во истиот зимски, снежен период на годината. Во оваа земја која сака да се приопшти кон европските вредности, никој не научил ништо.

Не, тоа не се предлози на имиња на заслужни граѓани на Скопје и Македонија со кои треба да се накитат скопските улици. Тоа се имиња на луѓе од кои повеќето се заслужни за воведување на безмилосниот комунистички режим во Македонија и желба со имиња за воскреснување на српската и лажливо-југословенска супериорност на македонските духовни пространства. Овде како некој да заборава дека Советот на Европа на своја седница, го прогласи комунистичкиот режим за злосторнички, а комунизмот како идеологија го поравна со нацизмот…внимавајте, не со фашизмот, тој опстоја како форма на управување, ами нацизмот и комунизмот се прогласени за безчовечни идеологии и управувања. Бегло, само бегло да ги разгледаме дел од предлозите дадени од самата комунистичка врхушка, внимателно селектирани со предлози на неспособни и навистина незаслужни луѓе. Некои од нив биле партизани, покажале и херојство, но нивните заслуги во новата социјалистичка република биле минимални, а наградени со богати пензии.

Би било смешно ако не е трагично да се стават имиња на улиците на некои партизани како Бузо или непознатиот во Македонија Груица, само затоа што едниот бил храбар партизан, а вториот Груица, ги спроведувал коските на Гоце Делчев, од Македонскиот дом во Софија па низ Македонија до црквата “Св. Спас“. Па тогаш каде е улицата на македонскиот дипломат, првиот југословенски повоен амбасадор во Софија, професорот по меѓународно јавно право д-р Перо Манговски…тој е оној од чија вештина и политички преговори зависело добивањето на коските на Делчев. Генерации негови студенти минаа низ Правниот факултет, а ние се занимаваме со партизаните кои едвам можеле да се потпишат, освен на чековите на дебелите пензии.

Убаво е да се говори за “нашите“ во Преспа, убаво е и албанскиот поет Дритеро Аголи да има улица, но каде е улицата на “нашиот“ Стерјо Спасе, познатиот албански писател и раскажувач со “македонско“ потекло од Мала Преспа…а ние, кога треба, се фалиме со него. Дритеро Аголи веројатно добива улица затоа што е голем поет и е албанец, но и затоа што е воспитаник на Универзитетот во Санкт Петерсбург. Тоа е нешто што им одговара на сите со сентиментот кон сталинизмот и едноумието. Просто, така се толкуваат работите.

Интересен е предлогот партизанот Максо, прилепчанец и учесник во нападот на участакот во Прилеп, да добие улица. Сигурно и ја заслужил, но најмногу веројатно заради тоа што подоцна работел во УДБ-а. Иначе, има и други, попознати прилепчани. Каде е името на Благоја Попоски, комунист, студент на Белградскиот универзитет, учесник на нападот на участакот. По војната тој е дипломат, првиот шеф на Југословенската воена мисија во САД, претходник на амбасадата на новиот, титовиот режим. До крајот на живото е амбасадор на Југославија во многу држави. Неговиот брат, Никола Попоски-Просветниот е предвоен интелектуалец, исто учесник на нападот на участакот, а кариерата ја завршува како командант на дивизија (или политкомесар, сеедно) на Сремскиот фронт и се бори до последната битка за заминувањето на германските армии од Југославија…и него го нема. Не работеле во УДБ-а, бил скромен пензионер, а има и професионалну удбаши, атентатори и насилници кои се лустрирани пред само неколку години, а имињата им се на списокот на “заслужните“ за улица.

Мизерија е што на списокот на имиња го нема името на академикот и професор на Правниот факултет, долгогодишниот директор на Институтот на национална историја, проф. Д-р Александар Т. Христов. Тој е првиот македонец кој во Белград, на Правниот факултет одбранил докторска дисетрација со наслов В.М.РО, а ментор му бил познатиот во светски рамки проф. д-р Милан Бартош…а вие нам ни давте партизани, планинари полуписмени и професионални насилници. Па Александар Христов напишал повеќе книги за македонската историја и државност, отколку што некои од советниците на град Скопје ќе можат да прочитаат и да имаат два животи. Меѓу кандидатите се вметнати и некои апсолутно непознати и невини персони.. Кој сака да ни каже дека, речи си, сите членови на првиот партизански одред во Скопје, треба да имаат улица, а знаеме дека одредот не се покажал баш херојски…повеќето од тие пртизани се со српски презимиња, на српски колонисти или работници во Скопје. Дали тоа е континуитет на кралската Југославија? Ако е така, сите прилепчани од нападот на участакот треба да бидат боготворени. Исклучок е само човекот кој ја пукна “првата пушка“, Душко Наумовски. Тоа беше лажлива пушка, само обичен пиштол “војно државни“на српските офицери од пред војната, убиен беше невин млад човек, па оправдано сите се срамуваат од убиецот и се трудат да го заборават “првиот чин на историјата“…како што некој напишал, историјата на безчестието.

Срамотно е на списокот да се појави изобилие на имиња комунисти-партизани од Егејска Македонија. Го дигнаа народот на востание, му ветија слобода, граѓански и национални права, војната ја изгубија и се повлекоа во Македонија, а народот остана на милост и немилост на грчките власти. Стотици илјади се раселија и заминаа по белиот свет, за денес некои од иницијаторите на таа несреќна војна, на вистинскиот холокауст на македонците да добиваат улици во знак на признание. Единственото признание што треба да им се даде дека до крајот на животот останаа одродени од својата земја и народ, вистински сталинисти и виновници за егзодусот на македонците од Грција. Настрана и фактот дека повеќето од нив беа соработници на службите за безбедност во СФРЈ, во светот, а бога ми и на грчките служби…лустрацијата не ги опфати, долга и темна е сенката на Москва и Белград на македонските пространства.

loading...


Списокот на имиња на улици во Скопје ги покажува последните здивови на веќе заминатата и излапена комунистичка врхушка. Ставањето на Лазо Колишевски на списокот е последниот обид конвертитот, македонско-бугарскиот затвореник и квазиреволуционер да добие некакво признавање. Ако сеништето на бугарската “подарена милост за живот“ виси во неговото досие, тогаш бугарите имаат да ни раскажат уште “приказни за македонските улици“. Каде е улицата за Тодор Александров, каде е улицата за Ванчо Михајлов. Па оваа македонија е проекција на неговата визија за демократско општество, безсрамно присвоена од Киро Глигоров и тогашната македонска врхушка на чело со Бранко Црвенковски. Тој и не е виновен, не знаел тој за овие работи. Најголемиот булевар во Софија се вика Тодор Александров, а најголемата улица во Благоевград е Ванчо Михајлов…и двајцата се родени во Ново Село, заедно со Глигоров и владиката Михаил. Па како тогаш едните имаат улици, а другите немаат. Како може и со што е заслужен некој таму Жарко Зрењанин да има улица во Скопје, а само поминал низ градот, а улица да нема, на пример Спиро Китинчев. Китинчев е градоначалник, “кмет“, како што навредливо сакаат да го прикажат комунистите, за време на Втората светска војна и успева градот да ја задржи својата физиономија и да биде одлично снабден за време на тие воени тешки времиња…па овие комунистиве чии имиња сакаат да ги стават на улиците, два дена по смртта на Тито не успеаја да ни дадат бензин, кафе и други елементарни нешта, а Македонија беше покриена со мрак по половина ноќ, дамбетар од Романија на Чаушеску. Првиот соработник на Китинчев е инженерот Жерновски. За грев му се зема дека пречекал некои бугарски министри, а не се кажува дека под негова команда градот функционирал беспрекорно. И за него нема улица. Има улица и на тренерот Иљеш Шпиц, херојот од шовинистичкиот антибугарски филм “Трето полувреме“. Така треба, Шпиц тоа го заслужил. Но зошто нема улица на името на неговиот спасител, инженерот Димитар Чкатров, долгогодишниот затвореник во српските кралски затвори. На само за Шпиц, тој направил и други добри дела, и за други луѓе, но комунистите го стрелаа за да ги задоволат одмаздничките пориви на српските шовинисти, кои опстојаа во власта и по 1944 година. Трагично умира и неговиот брат Јордан Чкатров, неофицијалниот министер за надворешни работи на михајловистичката ВМРО. Тој и не живеел овде, па со што им се замерил на македонците.

Знае ли некој кој е Димитар Ѓузелов. Некои знаат дека е стрелан заради “фашизам“ но малкумина знаат дека тој исто како и Димитар Чкатров е осуденик во кралска Југославија и лежи во затворите заедно со српските и хрватските комунисти. Стрелан е затоа дека не е комунист, а не затоа дека е фашист. Бил директор на Радио Скопје за време на војната, но е првиот македонски доктор по философски науки, докторирал во Загреб на тема на Шопенхауеровата философија. За него нема улица, ама за Колишевски има…

Се лаже некој ако мисли дека ова ќе помине така, напреку и без размисли. Нека никој не се труди предвремено, улиците ќе ги добијат конечните имиња по паѓањето на бугарското вето и потпишувањето на спогодба за напредокот на Македонија во ЕС. Имињата на улиците пак ќе се менуваат, жали боже за граѓаните кои тоа треба да го платат со свои пари за личните документи. Некои од нас се во вистинска слепа улица, за потоа еден ден да дојдат “вечните виновници“ за Македонија, мислам на Каракачанов и Захариева и да не натераат да прогледаме со сила, мислам да побараат ревизија на имињата на улиците, како услов за почнување на преговорите со Европа. Нормално е “фашистите“ бугари да сакаат да си ги овековечат своите “македонски фашисти“, па одново ќе се среќаваме со полемики за Китинчев, Чкатрови, Ѓузелов и другите бугарски и македонски патриоти. Овој пат нема полемика, тоа ќе бидат наредби…

Времињата се сменија, што и да се случи, сенките на Захариева и Каракачанов ги затемнуваат југословенските болшевички хоризонти, а Белград и Мисква изгледаат само како далечен темен облак во нашето сеќавање.

Конечно да го кажеме и тоа, немојте некој да мисли дека Захариева и Каракачанов ќе ги подлаже со име на улица на браќата Евлоги и Христо Георгиеви, менторите на Софискиот Универзитет…сите знаеме, знаат и тие и ние дека браќата Георгиеви биле трговци, феудалци и се занимавале со банкарски капитал…тоа не поминувало нито во комунизмот, нито сега во посткомунизмот…ние сме против нив, така што милост за ситни отстапки нема да има! Гледајте го пак “денот на мрмотот“…треба да се поправиме, подобриме, за да минеме во нормалниот ововременски свет.