|

Славјанка Петровска: Вистински патриотизам е да се чекори кон иднината, а не кон минатото

Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска во Скопје се обрати на панел-дискусијата на тема „Промовирање на демократијата, единство и мирот преку културна дипломатија во новата ера на конфликти и насилство“, како дел од Форумот за културна дипломатија.

Во своето обраќање, Петровска се осврна на моменталната безбедносна состојба во Европа која е нарушена со бруталната руска агресија врз Украина и позицијата и искуството на Северна Македонија во градењето на функционална, стабилна и мултиетничка демократија која практицира европски вредности.

„Предизвиците кои се пред нас, дали тоа е вооружен конфликт, хуманитарни кризи или природни непогоди се комплексни и застрашувачки, а одговорот на овие предизвици е реафирмирањето на нашата заложба да бидеме единствени и да работиме заедно“, рече министерката.

Петровска додаде дека како земја-членка на НАТО, но и водејќи се од сопствените одлуки и заложби, Северна Македонија е посветена на колективната безбедност на Алијансата, како и на поддршката на Украина како европска демократија која има полно право да ја одбрани својата независност и сувереност.

„Алијансата е посилна и пообединета од кога било досега во зацврстувањето на колективната безбедност, како гаранција за сигурноста на НАТО и граѓаните на земјите-членки“, подвлече министерката.

Во контекст на културната дипломатија, министерката Петровска истакна дека таа ги надминува политичките бариери и дека ни овозможува да се обединиме како човештво. Петровска се осврна на историјата и научените лекции во 32-годишната независност на нашата држава – осамостојувањето на мирен начин, потпишувањето на Охридскиот и Преспанскиот договор за креирање на мултиетничка демократија и за продолжување на патот кон интеграцијата во НАТО, како и на потребата за превземање на следниот чекор кој ќе го отвори патот кон продолжување на интеграцијата во Европската Унија.

„Сите ние кои сме присутни, во нашето работно искуство и кариера научивме дека решавањето на тешките прашања побаруваат тешки одлуки кои се важен политички чекор кој гледа кон иднината наместо кон минатото, чекор кој нè води кон подобро утре за следните генерации. Тоа за мене е вистински патриотизам“, заклучи министерката.

По обраќањето на министерката, панел-дискусијата продолжи со излагања на панелистите меѓу кои и Елмар Брок, поранешен претседавач на Комитетот за надворешни работи во Европскиот парламент, Наталија Гаврилита, поранешна премиерка на Молдавија, Мохамед Ханиф Атмар, поранешен министер за надворешни работи на Авганистан, Хасан Диаб, поранешен премиер на Либан и Фиона О’Луглин, членка на ирскиот Сенат.

Во своето излагање Елмар Брок се осврна на европската идеја и важноста на политиката за проширување и потребата од зголемување на ефикасноста во донесувањето на одлуки во ЕУ. Поранешната премиерка на Молдавија, Гаврилита, пак говореше за молдавското искуство во однос на руската инвазија на Украина, а поранешниот либански премиер Диаб се осврна на важноста на високото образование за развој на толеранција, инклузивност и културен диверзивитет кај следните генерации.

Панел-дискусијата поддржана од Министерството за одбрана се одржува во рамките на Светскиот форум за демократија и мир, како пет-годишен проект на Институтот за културна дипломатија. Дел од овој Форум се поранешни претседатели на држави и премиери од Западниот Балкан и Југоисточна Европа, министер од Авганистан, како и професори од Институтот за културна дипломатија, поранешни пратеници во Европскиот парламент и собранијата на земјите од регионот.



Слични Објави