СО КУКАВИЧКА ТАКТИКА, ЕВРО 2020 МОЖЕМЕ САМО ДА ГО СОНУВАМЕ!

Македонската фудбалска репрезентација одигра реми (1-1) синоќа во Израел, го освои петтиот бод, можеше и требаше да победи, но на крај се задоволи со „позитивен резултат“ кој е добредојден по јунските порази во Скопје од Полска и Австрија.

И ако резултатот е задоволувачки, а сите жалат за пропуштените шанси, посебно за зицерот на Елиф Елмас во 93-та минута, кој мораше да се реализира за победа, сепак Македонија со амбиција да игра на Евро 2020 не покажа дека е фудбалски зрела за настап на големо натпреварување и тоа не зашто нема потенцијал и добри фудбалери, туку најмногу поради кукавичлукот на стручниот штаб.

Македонија синоќа требаше и мораше да го победи Израел, кој не покажа дека е нешто подобар од црвено-жолтите, ама… Иако во селекцијата има фудбалери кои одлично знаат со топка, а како никогаш досега имаме стабилни фудбалери во средината што знаат да застанат на топка (Барди, Адеми, Николов), па уште и Елмас кој имаше поофанзивна улога, и брзоногиот Алиоски од лево, Македонија се реши да игра бункер, а нападите да ги почнува со – „рогање“ од Столе Димитриевски за Илија Несторовски. Како да сме дојдени да играме рагби, а не фудбал.

Тешко дека може да се објасни „стратегијата“ на Ангеловски да почнеш со тројца стопери, со тројца одлични фудбалери со топка, да правиш формација и да најавуваш дека средината треба да го добие мечот, а притоа сето тоа да го – прескокнуваш. Македонија поради кукавичката игра во голем дел, со препуштањето на топката на Израелците и постојаниот нивни притисок без преголем ефект освен во една ситуација, не остава впечаток на зрела селекција чија амбиција е да игра на Евро 2020, а против просечни селекции доаѓа да се задоволи барем со бод.

Најдобар показател за мечот е стаистиката. За 90 минути, Македонија играше со топката само 37 отсто и имаше едвај 202 додавања. Во просек за 90 минути, тоа е нешто повеќе од две додавања во минута. Од нив, повеќе од сто имавме во првиот дел, а едвај 94 во вториот (?!). А, „мајсторијата“ е што за разлика од многу години во минатото, сега имаме фудбалери што знаат да играат фудбал, ама не доаѓаат до израз. За да се оди на Евро 2020 потребно е многу повеќе од само победи против тотални аутсајдери (Лихтенштајн, Гибралтар) и по некој бод со просечни селекции (Словенија, Израел). За пласман на континентално првенство ваквите мечеви се победуваат како што младинците за Евро 2017 година триумфираа против просечните, а со срце се бореа со фаворитите.

Вака и со ваква игра, Евро 2020 е (пре)далеку! Треба храброст и „мадиња“ за да видиме дека заслужуваме пласман на континенталниот шампионат.

Македонија на половина циклус има пет бода од пет меча, три зад засега вториот Израел, но и понатаму со далечни шанси за пласман зашто гостуваме кај двата фаворити од кои загубивме дома – Полска и Австрија.

Извор: Спорт1



Слични Објави