|

Соборена руска ракета и 20 дронови во Украина, нападнат родниот град на Зеленски

Украина објави дека соборила руска крстосувачка ракета и дваесет беспилотни летала кои носеле експлозив во текот на ноќта, при што три проектили повторно паднале врз родниот град на претседателот Володимир Зеленски.

Украинските воздухопловни сили соопштија дека собориле една од четирите крстосувачки ракети истрелани од Каспиското Море и дваесет дронови лансирани од север и југ. Останатите три проектили погодија индустриски капацитети во околината на Дњепропетровск на истокот на земјата, додаде украинското воздухопловство.

Локалните власти наведуваат дека тоа е Криви Рих, родниот град на претседателот Володимир Зеленски, каде што 12 лица загинаа во руски напад минатиот вторник кога беа погодени станбена зграда и магацин.

„Три ракети погодија два индустриски капацитети“, изјави Олександр Вилкул, шеф на воената управа на тој град. 38-годишник е ранет и примен во болница, но неговиот живот не е во опасност, додаде тој.

Во околината на Запорожје 17 населби беа под руски оган, во кој загина 58-годишна жена, соопшти локалната управа. Градот Харков (на североисток) и регионот Одеса (на југ) беа цел на руски беспилотни летала во текот на ноќта, а сите беа соборени, соопштија властите на градот и регионот.



Слични Објави