|

Спасовски од Преспа Форумот за дијалог во Струга: Меѓународната соработка е клучна во управувањето со миграциите

Денеска, во Струга, во рамки на Преспа Форумот за дијалог, во организација на Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски беше домаќин на панел сесија „Управување со миграциите на релација ЕУ – Западен Балкан: солидарност и споделени обврски”, на која специјален гостин беше директорката на Меѓународната организација за миграции (ИОМ), Ејми Поуп.

Во своето воведно обраќање пред присутните, министерот Спасовски осврнувајќи се на западно-балканската миграциска рута во која припаѓа и Република Северна Македонија, рече:

„За Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија од суштинска важност беше потпишувањето на Договорот за статус помеѓу Европската Унија и Република Северна Македонија за акции спроведени од страна на Агенцијата за европска гранична и крајбрежна стража, и се надевам дека во текот на наредниот период, заеднички ќе ги констатираме придобивките од потпишаниот договор и неговото значење за контрола на миграциските текови, обезбедувањето на надворешните граници на ЕУ и безбедноста на границите во регионот на Западен Балкан”, истакна министерот Спасовски, додавајќи дека клучна активност во управување со миграции е меѓународната соработка.

„Клучна активност на нашиот пат натаму во одржливото управување со миграциите во Западен Балкан претставува напредокот во реализирање на меѓународната прекугранична соработка, зацврстена меѓународна доверба, зголемена размена на информации, која е најдобар доказ за нашата подготвеност да го направиме безбедносниот амбиент уште поповолен, а со тоа и напредокот во европските интеграции уште побрз. Само европски одговор, кој ќе ги вклучува и земјите кои географски и природно припаѓаат на Европа, искористувајќи го потенцијалот на легалната миграција и намалувајќи ја илегалната миграција, осигурувајќи безбедни и контролирани граници, но и хуман и ефективен пристап”, нагласи министерот Спасовски на крајот од своето обраќање. Притоа, тој ја изрази благодарноста на министрите и претставниците на меѓународни и регионални организации за присуството, како и за посветеноста во управувањето со миграциите.



Слични Објави