Собраниска делегација на 14-тиот состанок на мешовитиот парламентарен комитет

//

Од 6 до 8 февруари 2018 година во Европскиот парламент во Стразбур, Француската Република, се одржува 14. Состанок на Мешовитиот парламентарен комитет – Република Македонија и Европска унија – Парламентарен комитет за стабилизација и асоцијација, во чија работа заеднички учествуваат пратеници од Собранието на Република Македонија и пратеници од Европскиот парламент. Мешовитиот парламентарен комитет претставува форум за директен парламентарен дијалог и интензивна соработка со Европскиот парламент, кој во континуитет искажува силна поддршка за нашиот европски интегративен процес.

Во дводневната работа на Комитетот учествува Делегацијата на Собранието на Република Македонија во состав Горан Милевски, копретседавач, Антонијо Милошоски, заменик копретседавач, Жаклина Лазаревска, член, Реџеп Мемеди, член, Бетиан Китев, заменик-член и Ејуп Алими координатор на ДУИ.

Првиот ден, на состанокот на Мешовитиот парламентарен комитет пратениците од Собранието на Република Македонија во конструктивна атмосфера разменија мислења со своите колеги од Европскиот парламент за односите меѓу Европската Унија и Република Македонија, спроведувањето на „Планот 3-6-9“ и препораките од групата високи експерти за системски прашања од областа на владеењето на правото, со акцент на реформите во судството, изборните реформи, реформите во работата на Собранието, реформите во медиумите, реформите во јавната администрација и соработката со граѓанското општество.

Од наша страна беше нагласено дека оваа година очекуваме пробив во процесот на евроинтеграции по подолг временски период и беше изразена целосна посветеност на реформските процеси, со цел испорачување конкретни резултати. Беа истакати и нашите очекувања да добиеме обновена препорака за почеток на пристапните преговори од страна на Европската комисија и одлука за почеток на пристапните преговори од страна на Европскиот совет во јуни 2018 година.



Пратениците во Европскиот парламент ги поздравија конкретните чекори кои се преземаат за реформи во клучните области и нагласувајќи дека вратите на Европската Унија остануваат отворени ја повторија европската перспектива на земјите од регионот наведена и во Стратегијата на Европската комисија за Западен Балкан. Подвлекувајќи ја важноста на политичкиот дијалог, ги повикаа сите политички фактори во земјата да ја преземат својата улога. Исто така, истакнаа дека стабилна и просперитетна Република Македонија би била додадена вредност на Европската унија во политичка, економска и културна смисла.

На состанокот свое обраќање имаше и министерот на надворешни работи на Република Македонија, г. Никола Димитров, кој во името на Владата на Република Македонија пред пратениците истакна дека примарната цел на реформската Влада е да изгради модерна европска земја, која ги споделува европските вредности и негува добри соседски односи. Информираше и за фокусот кој е ставен на реформите во судството, реформата на јавната администрација, реформата на медиумите и доброто владеење.

Вториот ден, според дневниот ред на Мешовитиот парламентарен комитет, ќе се дебатира за меѓуетничките односи, соседството и регионалната соработка, потоа имплементацијата на Охридскиот рамковен договор, новиот закон за употреба на јазиците, како и активностите по самитот во Трст, во рамките на Берлинскиот процес. На крајот на состанокот пратениците ќе усвојат препораки до институциите на Република Македонија и на Европската унија.

Претходна статија

Путин и Ердоган ќе ја зајакнат координацијата во борбата против тероризмот

Следна статија

Груби: За решевање на спорот со нашиот јужен сосед очекуваме директна помош од САД

Најново од Вести