Софија станува сцена на најпознатите светски оперски ѕвезди Доминго, Карерас, Григоло и Јончева
На 28 и 29 август плоштадот „Свети Александар Невски“ повторно ќе се претвори во концертна сала под отворено небо. Бугарската оперска дива Сонја Јончева го претвора дводневниот фестивал „Гала во Софија“ во традиција – мост меѓу генерации, култури и жанрови, јавува БНР.
По успешното деби во 2021 година, настанот се враќа со програма што ветува вистински празник за љубителите на операта, оперетата, сарсуелата, популарната и филмската музика.
Првата концертна вечер, насловена „Италијанска вечер“, ќе го претстави дебито пред бугарска публика на светски познатиот тенор Виторио Григоло. Заедно со Сонја Јончева ќе изведе арии и дуети од Верди и Пучини, италијански канцонети и омилени филмски мелодии.
Втората вечер за првпат сцената во Софија ќе ги обедини легендите Пласидо Доминго и Хосе Карерас, заедно со Сонја Јончева. Публиката ќе чуе класични арии од Верди, Пучини, Џордано, Чилеа, Бизе и Дворжак, делови од оперети на Лехар, мјузикли на Ленард Бернштајн и Мич Ли, како и популарни песни. Меѓу акцентите е и легендарната романса „No puede ser“ од Пабло Соросабал – хит од концертите на „Тројцата тенори“.
„Гала во Софија 2025“ се совпаѓа со 35-годишнината од создавањето на „Тројцата тенори“ и ги претходи чествувањата за 90-годишнината од раѓањето на Лучано Павароти (12 октомври). Само месец по концертите во Скопје, Доминго, Карерас и Григоло ќе учествуваат и на голем спектакл во чест на Павароти на „Арена ди Верона“.
Во двете вечери оркестар ќе биде Софиската филхармонија, традиционален партнер на Јончева, под диригентската палка на маестро Најден Тодоров.
Се очекува на плоштадот да се соберат околу 8.000 гледачи од земјата и странство.
