СОНК: Предолго чекаме на усогласување на платите, тоа е неприфатливо
Пред почетокот на Економско-социјалниот совет во Владата, претставникот од СОНК, Јаким Неделков, потсети на барањата.
„Барањата веќе јавно ги објавивме и ги доставивме до Владата и до ресорното министерство. Моделот минимнална плата помножено со коефициент на сложеност на работни места, предлогот на Владата е просечна плата помножена со соодветен коефициент на сложеност на работни места, значи тука сме некаде, но она што е сламка на препнување, тоа е предолгиот период на усогласување на платите“, рече Неделков.
Владиниот предлог од пет години, како што појасни, е дефинитвно неприфатлив.
„Ова за нас како СОНК и како Федерација на слободните синдикати е неприфатливо. Она што може во моментот да биде прифатливо е усогласување на платите во нашите дејности и во јавниот сектор за 12,55 проценти, онолку колку што минималната плата порасна овој март. Очекувам тоа да биде разумниот минимум и дополнително успогласување на платите за онолку проценти колку што инфлацијата ги изеде платите во изминатите неколку години“, рече Неделков.
Според нив, апсолутно погрешна е методолигијата за линеарно зголемување на платите. И Владата, како што додаде Неделков, сфатила дека тоа е грешка.
„Тоа не доведува до трајно решение, туку до компресија на работните места“, нагласи првиот човек на СОНК.