SpaceX го поканила бугарскиот пилот Николај Калајџиев да учествува во две нејзини мисии
Компанијата SpaceX го поканила бугарскиот пилот Николај Калајџиев да учествува во две нејзини мисии, откако била импресионирана од неговиот светски рекорд, изјави тој за bTV, пренесува 24 часа.
Според Калајџиев, поканата е тој да биде пилот на мисијата, а не само член на екипажот.
Гинисовата книга на рекорди официјално го призна неговиот рекорд од 1.021 полетување и слетување за 14 часа и 28 минути на аеродромот во Горна Орјаховица. Со тоа тој стана првиот човек кој извршил повеќе од 1.000 полетувања и слетувања во еден ден.
Калајџиев изјави дека претставници на SpaceX го следеле обидот на лице место, а неговиот менаџер претходно разговарал со централата на компанијата.
Ова е шести последователен светски рекорд за бугарскиот пилот.
