СПОРЕД ЕКСПЕРТИТЕ СЕ МОЖНИ ЗАСТОЈ И ЗАСТАРУВАЊА НА ПРЕДМЕТИТЕ НА СЈО
Евентуалната вмешаност на Катица Јанева во скандалот со „Рекет“ нема да влијае врз предметите на Специјалното јавно обвинителство што се во тек во судовите, но може да предизвика застои и одложувања, што, пак, може да доведе до застарување кај некои од предметите, тврдат експерти што ги консултираше порталот Окно.
Професорот на Правниот факултет од Скопје „Јустинијан Први“, Гордан Калајџиев, смета дека од аспект на Законот за кривична постапка (ЗКП) проблеми нема, а дека може да дојде застој само од аспект на Законот за СЈО (ЗСЈО).
Слично мислење има и Натали Петровска, адвокатка и директорка на невладината организација Коалиција – Сите за правично судење. Таа за Окно вели дека не очекува проблеми од аспект на законот, туку повеќе од морален апсект што би било во корист на одбраната.