| |

Средбите на Муцунски со неговите европски колеги ќе бидат сѐ покуси*

Ивон Величковски

Муцунски сфаќа дека средбите со неговите европски колеги ќе бидат се покуси. Дека проретчија – тоа го знае веќе цела година.

Исто како што знае дека размената на пораки “од нога” со неговата нова бугарска колешка е повторување на ставот од Софија до Даблин и од Атина до Стокхолм, т.е. ставот на Брисел:

– Преговарачката рамка беше договор и усогласување, а

– преземните обврски значат “Се гледаме штом го испорачате договореното”.

Муцунски знае и дека заврши оправдувањето “Скопје чека стабилна влада во Софија”.

Третирајќи ја кусата размена на пораки како средба, Петрова – Чамова и порача на Владата на Мицкоски дека ниту Владата на Радев нема за што дополнително да разговара околу евроинтегративниот процес на Северна Македонија. Муцунски и ова го разбира.

А со реакцијата по социјалните мрежи покажа колку е шокиран што Софија ја одбила играта “добар полицаец – лош полицаец”, односно играта “Мицкоски тврд, Муцунски разумен”.

Тоа е лоша вест за ВМРО-ДПМНЕ: Нема ниту “подобар предлог” ниту “репреговарање на Рамката”. Односно се потврди дека се што Мицкоски ветуваше во 2024 е – лага.

Во такви околности – рејтингот на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ останува зависен од нивните економски резултати и борбата со корупцијата. А резултати нема.

Тоа е лоша вест и за СДСМ: бидејќи избра да не ги иницира амандманите, изборот за Филипче е сведен на “вештачко дишење за Мицкоски” со дневни пресови без акција или потпис на иницијативата од ДУИ.

Ист е изборот и пред пратениците (и екс-функционерите) на СДСМ кои тврдат дека се во судир со раководството на “Бихаќка “.

Но, тоа е добра вест за Северна Македонија и македонскиот народ: преземените обврски од Преговарачката рамка остануваат.

Ова особено во смисла на внесувањето (и) на Бугарите во Преамбулата – за јасна дистинкција меѓу македонскиот и бугарскиот народ. И за преговори по новата методологија – почнувајќи од “Владеење на правото”.

И овој моментум не може да го искористат партиите и раководствата со корени и обврски кон БЈРМ. Ова е моментум на нацијата на Северна Македонија и македонскиот народ, на новата Република.

Нова Република не по момент на настанок туку по смисла на функционирање.

*Насловот е на редакцијата



Слични Објави