СРЕЌНА НОВА ’49
Претседателските избори ни се ближат. Кампањите почнуваат со само 3 кандидати. Имаше и неколку заинтересирани субјекти, кои како во сенка чекаа дали да се истрча на главната сцена или онака дипломатски, поради постигнат договор (кој никој никаде го нема видено) во последен момент да дадат своја поддршка на некој од горепоменатите тројца. И така и завршија, се повлекоа од трката во корист на коалициониот кандидат.
Како и да е, тие привезоци не се важни во моментот. Тие, како во ,,жолтиот печат,, беа тука само за покачување на рејтингот на вистинските двајца, за нивно величање или уште повеќе за нивно оцрнување. И онака сме земја на ,,црнила,,, во превод-се е црно околу нас, но најмногу нашите души и животи. Сега после 10 години имаме сигурност кога ќе излеземе на избори. Веќе на непочнати јавни настапи и малтретирање на населението, се знае дека победник ќе биде кандидатот на СДСМ. Двајцата сигурни кандидати, проф. Д-р Силјановска и проф. Д-р Пендаровски се двајцата деца на СДСМ. Силјановска како истакнат кадар, министер во времето на транзицијата (која никако да ни заврши), а ,,вечно вториот,, Пендаровски како пулен на поранешниот претседател Црвенковски.
Е сега ако знаеме дека СДСМ е директен наследник на поранешната Комунистичка партија на Македонија, со преструктурирање само на хартија, но со исти кадри и капацитети пренесени од социјализмот, можеме да сфатиме дека комунизмот ни се врати на сите нивоа. Стариот општествено-политички систем, но сега во ново руво, го добиваме на централно и локално ниво и на сите раководни функции во државата.
Ќе си имаме одлична кохабитација на власта. Премиерот од СДСМ и Претседателот, непартиски човек на народот кои ќе добиваат инструкции на исто место на ул. Бихаќка. Спрега на власта како што само може да се посака. Двајцата ќе влечат во иста насока. Наше ќе биде само да видиме каде ќе не води сето тоа. Оние подалекувидите од нас, веќе се решаваат.
Македонија се празни секој ден, па можеби на изборите излезноста ќе биде околу 700.000 гласачи. И оние што се тука веќе самите знаат дека нивниот глас не менува ништо, па зошто тогаш и да се трудиме? Подобра иднина-сега за сега НЕМА!!! Па нека ни е Среќна Нова `49. Нека биде со песната Нешто ќе те питам бабо и Next time. А мотивот за секого различен. Важно е од која страна се гледа.
Автор: Перица Спасовски, претседател на Граѓанско Демократска Унија-Куманово

