|

Старата Чаршија ќе добие нов живот: Османи најави целосна обнова

Кандидатот за градоначалник на Општина Чаир, Бујар Османи, ја претстави својата визија за целосна реставрација и ревитализација на Старата скопска чаршија, со цел да ѝ се врати автентичниот изглед и историскиот дух.

„Нашата идеја е да ѝ ја вратиме автентичноста, да ѝ го вратиме имиџот. Треба да го вратиме вистинскиот лик на Чаршијата, нејзината историја и нејзиниот дух,“ изјави Османи, нагласувајќи дека Чаршијата е „најголемото урбано и културно богатство на градот и симбол на идентитетот на Скопје“.

Тој посочи дека состојбата денес е далеку од идеална:
„Чаршијата не е она што треба да биде. Го загубила својот имиџ, својот автентичен и историски карактер. Таа е нечиста, со блокирани влезови и дупки по улиците опасни за пешаците,“ рече Османи.

За решавање на проблемите, најави формирање Стратешки управен совет со претставници од општината, еснафот, бизнисите, младите, жените и верските заедници.
„Ниту едно решение нема да се наметне без консензус. Ќе создадеме уникатен дизајнерски код и ќе го унифицираме визуелниот изглед на Чаршијата. Не смееме да дозволиме хаос во архитектурата или дизајнот,“ нагласи тој.

Османи најави и отстранување на сите елементи што го нарушуваат историскиот изглед:
„Наместо автентична глетка, гледаме чадори со натписи како ‘Coca-Cola’ или ‘Скопско’ — тоа мора да го смениме,“ рече тој.

Проектот ќе биде поддржан и од архитекти и експерти за културно наследство, меѓу кои Мишел Ројкинд, кој изработува концепт за поврзување на плоштадот „Скендербег“ со Скопското Кале.
„Проектот за ‘Скендербег’ е симбол на нашата заложба да создадеме мост меѓу историјата и современоста,“ додаде Османи.

Во рамките на економската поддршка, општината ќе ги субвенционира новите занаетчиски бизниси и мајсторите кои ќе ги обучуваат младите, како и развој на брендот „Made in Charshija“.
„Луѓето не доаѓаат во Чаршија поради брза храна, туку поради нејзиниот историски карактер и занаетчиските производи,“ рече Османи, потенцирајќи дека Чаршијата нема урбанистички план уште од 1997 година — нешто што мора итно да се промени.

Слични Објави