| | |

Стефан Цанев и наведнатите бугарски глави

Пишува: Атанас Величков

Како „несомнено најблескавиот лик на бугарскиот интелектуален живот“ беше најавен познатиот бугарски писател, поет и драмски автор Стефан Цанев, од неговиот домаќин Георги Љубенов во неговата емисија „Денот започнува со Георги Љубенов“, пред десетина дена во етерот на Бугарската национална телевизија. По неокомунистичкиот хвалоспев, пречекан од драматургот со лошо прикриено од божемната скромност задоволство, разговорот започна во познатиот за оваа емисија тон. Нема потреба да го оценуваме ликот и делото на водителот, бидејќи гостинот, со сето негово творештво, животен пат, мудрост, снаодливост и задоцнета храброст е многу поважен.

Стефан Цанев е еден од најплодните и најнаградувани бугарски автори.

Во почетокот на 2017 г. Цанев одбива да ја прими наградата „Златен век“ на Министерството за култура на Бугарија, затоа што истата награда ја добил и последниот раководител на 6-от оддел на VI управа на комунистичката Државна безбедност, познатиот бугарски издавач и доцен мецена Димитар Иванов со прекар Митјо Гестапото.

Потегот на Стефан Цанев предизвикува разнолики реакции. Според едни, тој треба да биде пофален, но има и такви кои го потсетуваат дека во минатото пишувал поеми, со кои го воздигнувал имено комунизмот, таа антихумана идеологија, што го создала токму Митјо Гестапото и уште илјадници слични нему, агенти на режимот.

Во една од тие поеми „Јас прашувам“ Цанев ни кажува дека, ако се пишува досадно за комунизмот, тоа значи дека се пишува против комунизмот. Бугарскиот новинар Иван Бакалов дури го нарекува „задоцнет Вацлав Хавел“, алудирајки на тоа дека Цанев сакал да се претстави себе си како дисидент, но молчел, токму во времето, кога не молчеле дисидентите. Зборувале и завршувале во затвор.

Цанев требаше да замолчи по темата за Македонија! Авторот на познатите „Бугарски хроники“, за жал покажа, дека комунизмот е сѐ уште жив во неговата мисла. Трагично е, кога комунистички глупости, излегуваат од устата на еден дисидент, па макар бил тој и задоцнет.

Без грам срам големиот Цанев во своето излагање по темата за омразата во РС Македонија кон Бугарија, ја префрли речиси целата вина на бугарска страна. Спомнувајќи ги дури и убиените младинци од Ваташа, како цитат од дневникот на тогашниот бугарски премиер Богдан Филов. Дали големиот Цанев знае дека, офицерот што ја издал наредбата за стрелањето на тие деца, паланчанецот Љубен Апостолов е предаден на југословенските власти од бугарските комунисти и казната за неговото антихумано дело го стигнала, само неколку години по самото извршување?

Дали големиот Цанев знае, колку бугарски патриоти од Македонија убија бугарските комунисти? Бидејќи во едно свое интервју пред десетина години зборува за т.нар. Горјани (вооружени лица, кои се кренале против новата комунистичка власт во Бугарија по 1944 г.), би било интересно да дознаеме, знае ли нешто големиот бугарски драматург за Герасим Тодоров?

Кога бугарските комунисти- и кондураџиите и оние, кои не пишувале досадно за комунизмот, ќе се извинат за насилната македонизација на Пиринска Македонија? Кога ќе им се извинат и на оние кои ги тепаа затоа што еднаш запишани како Македонци, не сакаа да се запишат повторно како Бугари?

Кога?!

Додека ги чекаме, нека повели големиот Цанев во РС Македонија! Да се извини за децата од Ваташа и затоа што бугарската царска армија „ја претставувала „фашистичка Германија“ во Македонија“. Да се извини и за тајните договори на Фердинанд со Грција и Србија и за фактот што Кнежевството Бугарија не испратило дури ниту една нота до Високата порта за време на Илинденското востание?

Нека повели големиот Цанев, ќе биде пречекан од внуците на неговите идеолошки браќа како херој, ќе го сликаат, ќе му земаат интервјуа, може дури и да го одликуваат со некаква награда. Ќе застане Цанев рамо до рамо со онаа карикатура Стефан Влахов Мицов и омразата ќе ја снема. Тој поетот, ќе ја преземе „обврската“ што ѝ ја наметнува на Бугарија и веќе никој овде нема да пишува лошо за „источниот сосед“.

Срамно е!

Понекогаш и големите писатели треба да замолчат, ако не поради неподготвеност по одредена тема, да замолчат барем од срам.

Срам пред оние, кои кога требало зборувале, а не молчеле, пред оние, кои кога требало, излегувале комити, а не се криеле, пред оние, кои умирале без време, наместо да живеат, да создадат семејства да исчуваат деца.

Кога се редат вакви редови, посветени на авторот на „Бугарски хроники“, „најблескавиот лик на бугарскиот интелектуален живот“, освен срамот на сцената доаѓа и тагата.

Тага за оние, кои комунизмот ги уништи и чии потомци никогаш не добија извинување. Тага за пропуштените шанси, пред едно 90-100 години, еднаш за секогаш да се заврши со сите предавници на бугарската идеја. Со сите отрови, чии плодови денес ни се претставуваат како големи интелектуални дострели.

Големиот Цанев треба прво да им се извини на непознатите јунаци, а потоа да бара оправдување за отровот, што овде го оставија неговите браќа комунисти. Откако ќе го направи тоа, може да дојде и да се извинува кому сака и за што му душа сака.

Таков е редот. Прво ќе си го погледнеш дворот и гробовите што се во него. После ќе плачеш по туѓите. За да не бидеш потврда за бугарската лицемерност од старите предели, која најверојатно била и една од причините Александров и Михајлов да се борат за Независима, а не за Присъединена.

Замолчете г-не Цанев! Вашите возвишени зборови, кажани со претензијата на интелектуален титан, личат на куршуми. Упатени кон оние, кои Бугарија ги остави на неколку пати, но и покрај тоа, тие не престанаа да ја сонуваат и не кажаа ниту еден лош збор за неа.

Замолчете и повелете, дојдете овде и клекнете, снишете се како што викаше комунистичкиот диктатор Тодор Живков! Наведнете ја главата пред оние, кои денес ве користат како некаков релевантен доказ за тоа, колкаво ѓубре е државата, во која како доцен дисидент гастролирате и самиот Вие! Постарите македонски Бугари овде, се имаат навикнато да гледат наведнати глави од другата страна на границата! Глави исти како вашата, наведнати, ама со претензии и со минат труд.



Слични Објави