| |

Стево Пендаровски: Македонија не треба да се плаши од соочување со светот, бидејќи има што да му покаже

Трибуна: Г-неПендаровски, кои се Вашите ингеренции како национален координатор за подготвка на Македонија за членство во НАТО? Колкаво е Вашето поле на делување?

Стево Пендаровски: Елементите кои ги дефинираат рамките на мојот нов работен ангажман се содржани во самото име: координирање на напорите кои ги преземаат сите надлежни институции на територијата на Република Македонија за подготовка на земјата за членство во НАТО. Тука сакам да нагласам дека мојата позиција не е замислена да биде замена за министерствата и другите институциите кои веќе придонесуваат за нашето асоцирање кон НАТО, туку, просто, да биде надополнување на севкупниот ангажман кој го правиме како држава на тој план. Ваквото засилување на овој, да го наречам, национален НАТО тим е особено важно во првите шест месеци од оваа година кога влегуваме во период во кој имаме шанса, конечно, да ја реализираме едната од двете најважни стратешки цели.

Трибуна: Каде се наоѓа Македонија на патот кон НАТО? Дали името на нашата земја е единствената пречка за нашата интеграција во Северноатлантскиот пакт?

Стево Пендаровски: Спорот за името беше единствената пречка за интеграција во далечната 2008-та година, кога беше споменато во таков контекст во завршното коминике на самитот во Букурешт. За жал, во меѓувреме, како што на внатрешен план се развиваше авторитарниот режим на Груевски, така Македонија полека, но сигурно ги губеше своите пријатели и поддржувачи во Алијансата и од само една земја која во 2008-та беше експлицитно против нашето членство, неколку години подоцна, дојдовме до тоа да имаме само една членка (Турција), која беше експлицитно на наша страна. Најдобра илустрација за нашето огромно назадување дава завршната декларација од самитот во Варшава во 2016-та, каде што се вели дека длабоката политичка криза ја има оддалечено Македонија од базичните вредности на Алијансата. Таков квалификација за состојбите ние немаме добиено од Брисел ниту во 2001 година.

Трибуна: Колку и го отежна/олеснa патот на Македонија до НАТО, претходната владејачка гарнитура, бидејќи како што знаеме на средбата во Букурешт во 2008 година, единствен проблем за нашиот влез во организацијата беше нерешениот спор за името со Грција?

Стево Пендаровски: Без претерување, штетите кои предходната гарнитура ги направи врз сопствената држава и народ имаат историски пропорции. Од бруталниот режим не настрадаа само нашите евроатлантски аспирации и меѓународната позиција на земјата, туку и демократскиот развој и благосостојбата на граѓаните што повратно влијаеше врз првото. Кога тандемот автократи на власта прислушкуваше над 20.000 свои граѓани не можеше да стане ниту збор за влез во колективен безбедносен систем. Ако шефот на контраразузнувачката служба ги прислушкува министрите за внатрешни работи и финансии тоа говори не само за недостаток на демократска контрола врз еден од највиталните државни системи, туку и за некомпетентноста на високи функционери кои наместо да ги следат безбедносните закани врз земјата ја прислушкуваат опозицијата или своите колеги во владата. Моја проценка е дека за санирање на политичките, економските и менталните последици од режимот ќе ни треба многу повеќе време отколку што траеше нивното вледеење, се разбира, ако при тоа, настапуваме со консеквентни политики при нужната деконтаминација на македонската политика, правосудство, администрација и медиуми.

Трибуна: Дали постои политичка волја за департизација на безбедносните служби? Ќе успее ли Македонија да се „исчисти“ од кадрите, кои за жал сѐ уште како да живеат во времето на Студената војна?

Стево Пендаровски: За жал, тоа прашање никогаш не доби приоритет во нашето три децениско транзитирање кон демократија. Дури по целосниот крах на службите и двата извештаи на Прибе тоа стана не само внатрешен политички приоритет, туку еден од основните критериуми за приближување кон ЕУ. Во овој момент кај Владата постои неспорна политичка волја за реални реформи во тој сектор, но, крајните ефекти, во помал степен, ќе зависат и од два други фактори. Прво, од притисокот за промени на меѓународната заедница, но и од отпорот во спротивна насока на поединци во тие служби кои не работат за својата држава и кои се врзани со структури кои не сакаат да ја видат Македонија свртена кон западот.

Трибуна: Дали воопшто може да се говори за некаква алтернатива за гарантирање нанашата безбедност, освен влезот на нашата земја во НАТО?

Стево Пендаровски: Во животот за секое прашање секогаш постои повеќе од една опција и таа теза, во принцип, не можете да ја оспорите. Вистинското прашањето е дали алтернативните решенија го имаат истиот квалитет како и вашиот прв избор? Во таа смисла, безбедносни алтернативи за нас има најмалку две: да прогласиме неутралност и со сопствени сили да го штитиме суверенитетот или да се приклучиме кон неколку евроазиски регионални организации предводени од Русија и Кина. Во првата опција имаме живеено точно 30 години како дел од Движењето на неврзаните и за тој анахрон реликт од Студената војна, кој инаку е се уште жив, не би трошел зборови. За втората варијанта, аргументите се тенки. Имено, тие,претежно азиски земји се географски подалеку од нас, а нивната внатрешна кохезија не е на потребното ниво заради внатрешните ривалства на клучните членки. Но, според мене, круцијалната разлика во однос на НАТО е во тоа што тие организации не поставуваат никакви предуслови за влез, за разлика од НАТО кој инсистира на почитување на демократските вредности и низ таа призма ги проценува земјите-кандидати. Да заклучам: ако Македонија не стане членка на НАТО таа нема да се распадне ниту пак некој ќе ја окупира, но, со членството, нејзината иднина ќе биде попредвидлива, а нејзиниот политички систем и општествено уредување далеку по демократски.

Трибуна: Во Македонија веќе има една партија (Единствена Македонија) која е на отворени анти НАТО и анти ЕУ позиции. Каква е Вашата порака до граѓаните кои како да имаат некаков страв од тоа Македонија конечно да седне на масата со големите сили како нивен сојузник во ова бурно време во коешто живееме?

Стево Пендаровски: Мислам дека е многу подобро политичките субјекти кои се против западната ориентација на Македонија тоа јавно да го декларираат наместо да останат во сивите зони на параполитичкото делување под влијание на службите. Пред малку зборувавме за наследството на паднатиот режим и тука сакам да го истакнам моето цврсто убедување дека најголемата штета која тие луѓе ни ја направија беше долгогодишната, оркестрирана, хистерична антизападна кампања во која, за жал, поверуваа многу наши сограѓани. Клучните држави на западот беа прикажувани како декадентни и криминализирани општества составени од поединци кои од утро до вечер размислуваат само за трупање пари, каде што нема солидарност, нема емпатија, каде што човек на човека му е непријател итн. Замислете,така да ја портретираш една Германија, Франција, Канада, Англија, САД или скандинавските земји кои со години ги држат првите местана светските ранг-листи за економска благосостојба, но, и за почитување на човековите права и медиумските слободи,држави со професионална администрација, со судство високо отпорно на политички влијанија. За разбивање на тие предрасуди ќе ни требаат години, но, колку побрзо ги усвоиме вистинските демократски вредности толку подобри луѓе ќе бидеме. Мојата порака е дека Македонија не смее да се плаши од соочувањето со светот затоа што има што да му покаже. Конечно, треба да сме на чисто дека државата можеме да ја направиме стабилна и просперитетна само со ум, а, не со инаетење или со оружје.

Трибуна: Колку ќе не чини НАТО во чисто материјална смисла ако станеме дел од пактот и што ќе изгубиме, ако останеме надвор од Алијансата?

Стево Пендаровски: Еден од митовите поврзани со НАТО е дека финансиските побарувања на организацијата кон членките се толку големи што ќе предизвикаат колапс на домашната економија. Ова се фактите: буџетот на НАТО е 2.2 милијарди долари, секоја членка плаќа според формула која зема во предвид неколку параметри и кога денес Македонија би била членка ние би  издвојувале околу 2-3 милиони долари годишно, што е цената на еден и пол лав на мостот Гоце Делчев во Скопје. Меѓутоа, можностите како полноправна членка да учествувате на сите тендери во тн. евроатлантска зона и да ги користите фондовите на НАТО за подобрување на физичката и телекомуникациската инфраструктура далеку ја надминува сумата на годишната котизација. Кога имате подобра инфраструктура, не само транспортна, туку и енергетска и дигитална, тоа повратно влијае врз економијата. Членството во НАТО влијае и врз странските директни инвестиции и тоа е видливо кај сите нови членови по падот на комунизмот. Се разбира, врз нив влијае и членството во ЕУ и домашната политичка динимика, но, позитивно влијае и поканата за членство од НАТО. Притоа, најголемите инвеститори во новите членки се токму најголемите членки во Алијансата. Многу важен, а до сега запоставен аспект во нашите релации со НАТО е развојот на наменската индустрија. Во поранешна Југославија, во таа област во Македонија работеа 19 фирми. Според експертски проценки, со паметен концепт, можеме да ја донесеме таа гранка до нивото да носи околу 200 милиони долари годишно што е околу 6% или 7% од буџетот. Не смееме да ја потцениме врската меѓу безбедноста и економскиот развој која е неспорна. Нема богата држава во светот која е нестабилна или со нејасна иднина. Напротив, статистиката вели дека конфликтите почесто се случуваат во државите со низок степен на развој. Конечно, кај нас постои и еден специфичен аспект,една додадена политичка, економска и стратешка вредност, а, тоа е што влезот во НАТО е единствениот проект кој е поддржан од сите етнички заедници во земјата што придонесува за подобра внатрешна кохезија и стабилност, како предуслови за поголем економски и демократски развој.

 

 

 



Слични Објави