|

Стоилковски: Институциите да не молчат, градел ли Каевски на диво, има ли доказ за потекло на парите?

„Дарко Кaевски, најмладиот милионер во СДСМ, на 30 години и со административна плата од Агенцијата за млади и спорт успева во иста година, 2020-та, да се стекне со нов стан во Скопје и да изгради луксузна куќа, хациенда во медитерански стил, со базени и сите удобности, во скопско Волково“, изјави на денешната прес-конференција Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски.

„Дарко Каевски три дена не кажува дали има документи за градба на луксузната вила, ниту пак кажува дали има одобрение за копање базен, ниту пак за рушење на стариот објект.

Да потсетам, на имот на потесното семејство на младиот милионер и портпарол од СДСМ, Дарко Каевски, легализиран е објект, којшто во 2020-та година, според фотографии од Гугл е срушен, а на негово место никнува луксузна хациенда“, додава Стоилковски.

„И тука се две главни прашања: Дали Дарко Каевски има документ за градба издаден од општината тогаш водена од СДСМ? Како прашање за изворот на парите, како со административна плата гради луксузна хациенда и се купува стан од 65 квадрати во Скопје во иста година?

Дарко Каевски може да продолжи да молчи, но институциите не смеат да молчат. Мора да се отвори предмет и да кажат дали ова е резултат на самоволието на СДСМ, дали е резултат на аздисаноста на функционерите на јавните функции, дали ова е резултат на неработењето на министерот за борба со корупција, дали ова е резултат на посветеноста на личното богатење наместо грижа за државата западната во тешки кризи?

Институциите за тоа се должни бидејќи Дарко Каевски е пратеник и портпарол на СДСМ партијата на власт, носител на јавни функции пред и за време на градбата на луксузната вила. Институциите да не молчат, градел ли Каевски на диво, има ли доказ за потекло на парите. Молкот на институциите и молкот на СДСМ не смее да се гледа подалеку од обид за забошотување на скандалот.

Пет години се на власт, пет години се тоне во криза и сиромаштија, само функционери од СДСМ го множат богатството и уживаат во луксузи. Секој ден минат со СДСМ на власт е поскап од предвремени парламентарни избори“, изјави Стоилковски.

Слични Објави