Стоилковски: Со потпис на Груби се отпишани 1500 тони пченица и 500 тони јачмен, дали завршиле на црниот пазар?
Со потпис на Груби се отпишани 1500 тони пченица и 500 тони јачмен од државните резерви вредни 650.000 евра, дали истите завршиле на црниот пазар?, праша портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски на прес-конференција.
Во Службен весник со датум 14.06.2022 година е објавена Одлука на Влада потпишана од Артан Груби за отпис на 1500 тони пченица и 500 тони јачмен за сточна храна под превезот заради загуби при складирање и одржување на квалитетот на пченицата и на јачменот. Никогаш до сега, вели Стоилковски, не се правел отпис на пченица и јачмен во толкава количина. Тоа, како што кажа, отвора сомнежи дека можеби пченицата и јачменот завршиле на црниот пазар, а парите во нечиј приватен џеб, и сето тоа го дозволува Груби со негов потпис.
„Според моменталните цени на пченицата на новосадска берза, 1500 тони пченица чинат 500.000 евра, а 500 тони јачмен 150.000 евра. Буквално кажано со потпис на Груби, тој отпишал 650.000 евра како загуби при складирање, ова до сега не било случај, не се памети отпис на име загуби вреден половина милион евра“, рече Стоилковски.
Опозицијата побара од Јавното Обвинителство да не чека и да отвори истрага.
Претходно, ВМРО-ДПМНЕ објави како шалтерски работник вработен кај брат му на Груби добил акредитација за баждарење на инструменти за точење на нафтени деривати и течен нафтен гас, процес во кој учествува Бирото за метрологија, чија директорка има непријавена хациенда за која постои сомнеж како е стекната. Опозицијата потоа објави и како Ветон Груби, брат на Артан купил дуќан од 127м2 на улица Македонија во Скопје по цена од 100.000 евра, односно 700 евра по квадрат, во услови кога станбениот квадрат е и по 2000 евра и посочи за можно тргување со влијание.