СТОЛЧЕТО И ЗЕЛЕНАТА МАСА

Истакнато Колумни Позиција

Ретко кога , македонската политичка интелектуална елита била обединета во моментите кога се решавала македонската судбина и се одредувал патоказот на македонскиот народ, а со самото тоа и на македонската држава. На 02. Август  1944 година, во манастирот „Прохор Пчињски“, всушност кога се уредила и конституирала првата македонска држава со свои обејежја, македонската политичка елита покажала државотворност обединувајќи се под бајракот на сеопштиот македонски интерес. Затоа, не случајно во делегатите на асномското собрание биле вклучени и претставници од егејскиот и пиринскиот дел, и револуционери од  македонската револуционерна организација. На тој начин се создал континуитет на деценискиот стремеж и борба за создавање на своја национална држава на Македонците, во ред со останатите балкански народи. Исто така, на 08 септември, во 1991 година, кога македонските граѓани со големо референдумско потврдување, ја создадоа првата независна суверена и самостојна Република Македонија, политичарите од сите политички елити, партии , интелектуалната елита и сите општественици, учествуваа во најважните процеси на државата.

Суети, поважни од државен интерес

Третата генерација на македонски политичари, не се огледа на првата и втората. Во круцијалните општествени процеси, есенцијално битни за напредокот на државата, ним им беше важен , исклучиво и само личниот интерес и бенефит-дограбување до власта, односно до функција од која можат преку злоупотреба да стекнат невидено материјално и финансиско богатство. Сето ова, помешано со мачоистичкото поимање и разбирање на водење на политичките процеси, постојано ја влечеше Македонија кон амбисот, од безбедносен, економско-социјален, инфраструктурно-развоен, демографски, па и културен аспект.

Историска пресвртница

Предвидениот референдум на 30.септември, е своевидна историска раскрсница за македонскиот народ , сите граѓани на Републиката, како и за самата држава како политичко-правен субјект на меѓународната сцена. Предвидениот компромис за името со јужниот сосед, е болен и трауматичен, но исто така нерешавањето на ова тегобно прашање создава несогледливи последици по целокупниот развој на државата и  благосостојбата на граѓаните. Држава се управува со разум и одлуки кои својата верификација ќе ја имаат напред во историјата, односно нивната оправданост ќе се види после неколку децении, и покрај тоа што во моментот изгледа , како одлука која  е поразителна  и капитулантска.

Зрелост на една нација

Членството во НАТО и подоцна во ЕУ, треба да претставува  печат на постоењето на една држава во меѓународно-правниот свет. Во друштво со најразвиените земји, држава која и по територија и по население спаѓа во редот на најмалите на европскиот контитент, нашата Македонија има историска шанса и можност, да го заокружи и потврди своето битисување и суштествување како државна заедница. Една  цинично-иронична поговорка најдобро ја отсликува нашата историска реалност и судбина: „ Подобро да имате столче на масата, отколку да се наоѓате на самата зелена маса“. Во 1913 година, на Букурештскиот самит, со тој договор беше запечатена судбината на македонскиот народ.  Македонското национално јадро беше поделено, и оневозможено Македонија да стекне автономија или независност. Повеќе од 100 години, подоцна , денес  кога историјата се поиграла со нас, но историските околности изнедриле  македонската  држава  на политичката карта во Европа,  судбината на Македонците  е сега во нивни раце. Овој пат, тие самите ќе одлучат дали да го прифатат подаденото столче и да седнат на масата, или да ја пропуштат и оваа историска можност и во иднина да бидат пак „ објект на зелената маса“.

Автор: Благојче Атанасоски, историчар, м-р по политички науки