Столтенберг-Зеленски: Колку е посилна Украина, толку побрзо ќе заврши војната
„Мирот по секоја цена нема да значи мир, туку окупација. Колку посилна станува Украина, толку побрзо ќе заврши војната“, рече шефот на НАТО, Јенс Столтенберг.
Генералниот секретар Столтенберг, кој е во ненајавена посета на Киев, додаде дека украинските сили „постепено стекнуваат позиции“ во нивната контраофанзива против руските сили и дека Украина е „поблиску до НАТО од кога било“, јавува АФП, пренесува БГНЕС.
„Прашање на време е Украина да стане членка на алијансата. Правиме се што е можно за да го приближиме овој момент“, рече Зеленски на заедничката прес-конференција со шефот на НАТО.
Столтенберг, исто така, рече дека руските трупи се борат за „империјалните илузии“ на Москва.
Столтенберг објави дека НАТО веќе има склучено сеопфатни рамковни договори со компании за оружје во вредност од 2,4 милијарди евра за клучна муниција, вклучително и цврсти нарачки во вредност од 1 милијарда евра.
Тој рече дека овие договори ќе им овозможат на членките на НАТО да ги надополнат своите исцрпени залихи додека продолжат да ја снабдуваат Украина со муниција.