СТРАТЕГИЈА ЗА ИСЕЛЕНИЦИТЕ

И, ете, летото повторно во родниот крај носи илјадници иселеници. Сето тоа е убаво, сѐ додека не си го поставиме прашањето што е она што сѐ уште ги тера да навратат. Претпоставувам тоа е само копнежот за родниот крај, носталгијата и потребата да го видат семејството, роднините и пријателите што останале тука.

Велам “сè уште” бидејќи државата е сосема рамнодушна и индиферентна во креирањето гостопримлива клима за иселениците. Никому не му паднало напамет да размисли за создавање посебна политика за поддршка, олеснувања за овие луѓе, тие се само „крдо“ патници, кои доаѓаат од серија на различни дестинации, доаѓаат и си заминуваат. А огромно мнозинство политички занаетчии профитираат од копнежот што го имаат овие луѓе кон своите семејства и роднини и со мал прст не мрднуваат да ги пречекаат барем со знак на почит и добредојде.

Со години оваа држава има најголем извор на приходи токму од финансиските средства на иселениците, а еднаш не се поставило прашањето за креирање СТРАТЕГИЈА која ќе создаде погостопримливи услови за овие луѓе, кои се сржта на оваа земја. Но, за земјата предводена од проблеми, а не од решенија, се сомневам дека ова некогаш ќе биде приоритет.

На единствените два аеродроми во Северна Македонија, иако е познато дека летото носи десетици авиони полни со иселеници, не постои ниту едно пано, табла, ознака, насока или специјална служба за овие лица. Нема ниту посебен шалтер кој ќе ги упати иселениците околу процедурите за добивање државни административни услуги. Не! Ништо од тоа.

Но, кога истите овие лица ќе ги напуштат аеродромите наидуваат на реалноста што ја напуштиле, се потсетуваат на неа, речиси и без изненадување. Наидуваат на дупките на патиштата, улиците, соседството. Можеби некоја од нив е подзатворена поради изборните ветувања, но една уличка понатаму состојбата е сѐ уште очајна затоа што не се гласало како што се очекувало, па веќе се гледа одмаздата на власта. Патиштата и улиците на кои наидуваат иселениците многу јасно ги потсетуваат зошто ги избрале патиштата и улиците што ги оттуѓиле одовде!

И, да, уште сакам да зборувам за улиците и патиштата. Неслучајно. Материјалот кој што се користи за средување или крпење на улиците трае колку што трае еден мандат. Нека ми биде простено што силно се сомневам, исто како и народот, дека тоа е така бидејќи одредени политичари пљачкаат од фондовите за реконструкција на патиштата. Но, да не зборуваме без докази, ќе бидеме тивки додека тоа не излезе на виделина, ама дупките не молчат! Не! Само што ќе дојде време за избори, но и порано, неколку дупки со големина на дланка се претвораат во јами со заканувачки дијаметар!

Нејсе. Вистината е дека државата продолжува со неблагодарната и нималку интелигентна политика кон иселениците. Сиве овие луѓе, со труд и пожртвуваност, работат насекаде низ светот, а многумина од нив постигнале големи успеси во општествата во кои што живеат. Секако, нивните финансии се повеќекратно повисоки од нашите. Колку за споредба, санитарец кој работи со скратено работно време, односно по неколку часа на ден или по неколку дена во неделата, на Западот е платен повеќе од наставник во Северна Македонија. Не потценувам ничија професија и занимање, баш напротив. Но она што се работи таму го носи општеството кон напред, а ние си тониме во очај, апатија и индиферентност. Повторно, како кон нашите, кои што живеат овде, така и кон оние, нашите, однадвор, што нѐ посетуваат и нѐ потсетуваат колку умееме да ѝ се потчиниме на мизеријата и не правиме ништо околу тоа. Угоре високо, удолу длабоко!

И, сега, дали ги повикуваме овие иселеници, чии приходи се значителни за нашиот животен стандард, да инвестираат во Северна Македонија?! Во државата која е нивна, побогу.

Дали постојат политики, стратегии, конкретни планови со кои ќе им се создаде терен за инвестирање на овие луѓе во државата?! Сигурен сум дека многумина од нив сакаат да вложат во државата од која што потекнуваат, и заради себеси и заради поколенијата и идните генерации. И заради благосостојбата и добробитта на ова поднебје. Наместо да бидат пресретнати и помогнати во нивната волја, тие наидуваат на затворени врати, на лавиринти од кои нема излез. Но, и покрај сѐ, тие се обидуваат да сторат нешто, без да ги мобилизира некаква политика. Но, тоа не е она вистинското.

Мислам и верувам дека е неизбежно и особено значајно да се седне на политичката маса и да се размисли за создавање соодветни понуди и услови за иселениците. Тие имаат исклучително значајна улога во развојните стратегии на нашето општество, во намалувањето на сиромаштијата, во економскиот развој. И, секако, сите тие наидуваат на едно главно прашање: што е она што може да се стори денес за подобро утре за сите нас.

Одраз на почит и интелигентна задача на оваа земја е да најде начин како луѓето што ги оддалечила од себе да ги врати, на каков и да е начин, сѐ додека тие имаат причина да продолжат овие улици и населби да ги сметаат за свој дом.

Наша задача е да им дадеме пример дека знаеме да ги почитуваме и вреднуваме. А тие, колку што ќе одат подалеку, толку повеќе, по убаво, ќе го помнат местото и државата од каде што потекнуваат.

Автор: Д-р Арбен Таравари, градоначалник на Општина Гостивар