СУГАРЕСКИ: ОПОЗИЦИЈАТА НАМЕРНО ГО БЛОКИРА ЗАКОНОТ ЗА ДИВОГРАДБИ
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ во Собранието поднеле речиси илјада амандмани за новиот закон за легазација, соопшти министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески. Според него, тие намерно ги кочат процесите за кои тврди дека се во интерес на граѓаните.
Сугарески тврди дека со амандманите и неможноста да се донесе законот до распуштање на Собранието пратениците на опозицијата оневозможиле речиси стотина илјади објекти на граѓани да бидат легализирани.
„Претпоставувам дека тоа го прават само поради една причина, си играат со трпението на граѓаните во неможност да понудат квалитетни законски решенија. Законот за легализација има цел да стави крај на узурпацијата на просторот, а граѓаните да добијат сопственост на своите домови“, посочи Сугарески.
Министерот тврди дека партијата ВМРО-ДПМНЕ претходно носела решенија за легализација со кои овозможувале, како што вели, партиските профитери да си ги легализираат своите хациенди, згради и вили за едно евро, а сега тоа се стопира.
„Упатувам апел до пратениците да покажат конструктивност и да го изгласаат законот. Станува збор за класична блокада, со директна штета на граѓаните“, додаде Сугарески.
