| |

СУМЕА РАХИМ: ВО СТАРО ТУРСКО ВРЕМЕ СЕ ВЕЛЕШЕ ДЕКА РУШВЕТОТ Е ГЛАВЕН, А ВО ДЕНЕШНО ВРЕМЕ ПОСТОЈАТ МНОГУ ПОЧУДНИ РАБОТИ ОД РУШВЕТ

Сумеа Рахим од Скопје е апсолвент на Медицински Факултет во Скопје.
Активист на неколку невладини организаци што работат за унапредување на човековите права на Ромите.

Трибуна: Сумеа, каде се наоѓаат Ромите во македонското турбулентно општество?

– Мислам дека го начнавте вистинското прашање. Ви благодарам многу. Ова е вистинско прашање за кое малкумина водат сметка. Ако преселбите и миграциите во цел свет го одбележаа почетокот на 21 век тогаш кај Ромите 21 век е почнат многу одамна. Тие ги започнале своите преселби уште во 5-тиот век и секоја нова причина за преселба била економската нестабилност. Ова не го кажувам со никаква лоша намера туку само да објаснам дека ние сакаме да се интегрираме во општество , но општрството многу тешко не интегрира и немаме многу голема волја за патување како што мислат сите , туку само бараме општество кое ќе не прифати и интегрира без никаква лоша позадина и без барање на преголеми против- услуги . Еве еден интересен податок што може да се најде во заводот за статистика: во скоро сите ромски општини на сите избори без оглед дали се локални или парламентарни излезноста секогаш надминува 60 %. Ова кажува дека постои преголема лојалност или пак преголема политичка свест. После вакво нешто се прашувам колку проценти во свеста на општеството постоиме ние и како му се возвраќа на овој народ. Секогаш први на удар сме ние младите, без оглед дали сме инволвирани во политички партии или во НВО сектор, ние сме активен субјект само во кампањите пред гласање .

Трибуна: Дали актививирањето во политиката може да се нарече опција за подобра интеграција на Ромите?

– Дури и политичката инволвираност за жал не гарантира никаква помош или пак некоја предност кога се во прашање животот и проблемите на младите. Секогаш предност има „некаква повисока цел”. Јас се надевам дека за неколку месеци ќе бидам академски граѓанин односно ќе дипломирам но сè уште не ми е јасно како и на кој начин да ги остварам моите младешки цели. Не можам да го разберам општеството каде некој друг води сметка за моето образование а тие добиваат готов производ. Кога велам готов производ мислам на нас стипендистите од REF програмата (Roma Education Found), нè има многу а од нив се вработуваат само неколкумина симболично, колку да се спомне дека во државната администрација има само 0,3 % Роми. Каква демократија е таа што не пресметува во 0,3% ?! Има ли иднина со проценти ? Е затоа велам дека 21-от век за нас почнал одамна, Ромите перманентно мигрираат. Не чекавме 21 век. Само мал број од нас се интегрираат, а другите продолжуваат понатаму. За жал дури и се случува феноменот на страв од кажување дека се Роми на тие што се интегирани во општествата во Западно европските земји . Сето тоа доаѓа од предрасудите за нас дека не знаеме да застанеме на едно место. Јас моето место го гледам овде во Македонија и ќе се трудам на сите начини да го остварам тоа без оглед на какви препреки ќе наидувам. Моите идни планови се пост дипломските студии на македонски универзитет, бидејки тука наназад со векови бил домот на моите претци.

Трибуна: Велиш дека Македонија е твојот дом, што треба да се случи според тебе тие кои одлучуваат за тоа „кој колку да добие од питата“, да почнат да се однесуваат домаќински кон нашиот заеднички дом?

– Домаќинското однесување подразбира подеднаков однос кон секој,подеднаков третман за сите и подеднакви можности за сите . Кај нас сè уште приликите се такви што вистинскиот квалитет не може да исплива на површина . Декларативно сите ги уживаат истите права но реалноста е поинаква .

Трибуна: Можат ли Ромите да се обединат и да им откажат послушност на тие кои веќе 27 години се однесуваат како ова заедница да е предвидлива машина за гласање, што откако ќе го даде својот глас не бара ништо за возврат?

– За да се случи такво нешто потребна е многу висока свест .Јас како Ромка се надевам дека луѓето ќе научат да одберат што е користно за нив.

Трибуна: Како да ги срушиме предрасудите кон твојата заедница? Што треба да направиме ние и што треба да направите вие за да се прекине со оваа понекогаш отворена стигматизација на твојата етничка група?

– Мојата етничка група е посебно стигматизирана од незнаење . Многу ми е жал што жителите на Република Македонија во последно време се повеќе етнички се групираат , сето тоа придонесува да имаме предрасуди едни за други , па така и Ромите имаат предрасуди за другите .Можеби сегашните миграции ќе ги натераат останатите да почувствуваат што значи да бидеш некаде малцинство. Само со растурање на ромските заедници Ромите ќе можат да покажат дека се исти како и сите други .

Трибуна: Кога ќе започнеме да се делиме на способни и неспособни за одредено нешто, а не на Македонци, Албанци, Роми итн.?

– Ова е малку потешко прашање и не знам како да размислувам за токлу голема промена, бидејќи сите што немаа можност да го покажат своето знаење во Македонија добија подобра можност надвор од неа. Ако досега само ние Ромите мигриравме поради немањето можност за покажување на вистинските вредности сега тоа им се случува на сите други. Кога пазарот на трудот кај нас ќе почне да ги вреднува работите без никаква позадина дури тогаш ќе може да се зборува за некаков напредок. Во старо турско време се велеше дека рушветот е главен, а во денешно време постојат многу почудни работи од рушвет .

 



Слични Објави