Свештеници од БПЦ и МПЦ-ОА ќе одржат заедничка панихида на бугарското воено гробиште во Ново село, струмичко
Панихида во спомен на бугарските војници загинати во битките за национално обединување ќе се отслужи на воениот меморијал во Ново Село, Република Северна Македонија, по повод 6 мај- Денот на храброста и на бугарската армија.
Панихидата за прв пат ќе биде заеднички отслужена од свештени лица од Бугарската православна црква и од Македонската православна црква-Охридска архиепископија.
На настанот ќе присуствуваат и претставници на единицата на Националната гарда на Бугарија, официјални претставници и граѓани од двете страни на границата.
Домаќини на настанот ќе бидат Милен Врабевски и неговата Фондација „Бугарска памет“, а настанот ќе се одржи со поддршка на Бугарската амбасада во Северна Македонија и Министерството за надворешни работи на Република Бугарија.
Спомен-обележјето во Ново Село беше обновено во 2006 година со финансиската поддршка на Фондацијата „Бугарска памет“ на д-р Врабевски. Таму се погребани 71 бугарски војници кои ги дале своите животи во битките за национално обединување.