|

СЗО: Ситуацијата во Газа се влошува од час во час

Претставник на Светската здравствена организација во Газа изјави дека ситуацијата се влошува од час во час, бидејќи израелските бомбардирања се интензивираат на југот на палестинската енклава околу градовите Кан Јунис и Рафах.

„Ситуацијата се влошува од час во час“, изјави за новинарите преку видео врска Ричард Пиперкорн, претставник на СЗО во Газа.

„Засилено бомбардирање се случува насекаде наоколу, вклучително и овде во јужните области, во Кан Јунис, па дури и во Рафах“, додаде тој.

Пиперкорн истакна дека хуманитарната помош што стигнува до Газа е „премалку“ и додаде дека СЗО е длабоко загрижена за ранливоста на здравствениот систем во густо населената енклава, бидејќи се повеќе луѓе се преселуваат на југ за да избегаат од бомбардирањето.

„Сакам многу јасно да нагласам дека на ова гледаме како на растечка хуманитарна катастрофа“, рече тој.

Пиперкорн рече дека СЗО ја исполнила наредбата на Израел да ги отстрани залихите од складиштето во Кан Јунис. Тој додаде дека на СЗО и било кажано дека областа „најверојатно ќе стане област на активни борби во наредните денови“.

„Сакаме да се увериме дека навистина можеме да испорачаме основни медицински материјали“, рече тој.

Шефот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус апелираше до Израел да ја повлече наредбата. Израел негираше дека побарал евакуација на складиштето, пренесува Ројтерс.



Слични Објави