| |

Живот во “шифри” и скриени пораки

Facebook статус на Никица Корубин

Кога последиците ќе дојдат, со константно бегање од причините, анархијата е лесно применлива, за огромна жал на личните жртви и трагедијата на колективот. Но, ниту една последица не може да се избегне кога се нормализира на сите нивоа “заробеното општество”. И најголемите “тажачи” сега, всушност и најчесто се најголемите “соучесници” во креирањето и одржувањето во живот на фобии, стравови, загрозеност, неказнивост, квази-патриотизам, суспендирање на систем, партократија и пред се’ и над се’ “јавност”, таа врвна парадигма и моќ за креирање и на перцепцијата за реалноста (видливото), но и фактичката реалност (невидливото).

И кога тој “невидлив” дел ќе излезе на површина, тој е брутален, насилен, примитивен и фатален. Но, е секако присутен со години, во фактичката но “невидлива” реалност, градена од “јавноста”. Со знаење и дозвола на сите, кои ја имаат силата и моќта да “знаат и дозволуваат”. На граница на ментална анархија и апатија (јавен линч како фиктивна метафора), со жестока контрола (како иманентна потреба). Чија жестина, се чини дека попушта.

А, со попуштање на контролата на јавниот дискурс, кој константно ги креира вредностите на општеството, остануваат сите соголени. А, во соголеноста полесно се гледа “што е што” и “кој е кој” и покрај сета мека и жестока пропаганда, и покрај сеопштата толеранција низ годините, која секогаш се враќа како бумеранг.

Делува како “говор во шифри”? Па, таква е реалноста која ни’ се креира и сервира. Реалност каде што побитна е појавноста од суштината. Каде што секој има свое место, кое “му е определено”. Како што ги определиле местата на “лидерите” на лидерската средба на “кружната маса на кралот Артур”. Но, кои се нашите “витези”, и која позиција ја завземаат на “лидерската маса” е сликата која треба “јавноста” да ја емитира на граѓаните, без многу елаборации. Една слика, илјада зборови.

Кој седи на главната маса “до кралот”, а кој на споредните? Кој е “главен”, кој е “спореден”, а кој е “проблематичен”? А, кој треба да глуми либерален (читај неопределените и прогресивните и контрола над истите)? Интересни пораки свесно или несвесно емитираат овие партократски “шифри”. Касами и Гаши, “визуелно радикализирани” со соседите, а компромитирани пред своите, внимателно одвоени од “главната опасност” Меџити, иако формално заедно; кој пак е маргинализиран со најмалите, кои се внимателно “групирани и разместени”, слично како и Таравари кој не го заслужува местото на главната маса, каде има место само за “контролабилните”. Нашите. Саде пораки и финти, провидни, но реални. Кои договараат “договорено”, во истрошената игра на “перцепција и реалност”, видливото и невидливото.

Затоа што без разлика на размерот на секоја наредна трагедија, вистинската скандализација и заробување на општеството, видливо и ефективно, оди преку партократијата. И без разлика на “кризните табори” кои сега се создаваат, за бегање од “своите”, а на јавноста “жедна за крв” и се пласираат “изјави на сведоци”, контролата се’ потешко ја одржуваат. На “дозволениот” наратив. Перцепцијата попушта пред силината на реалноста, која не може веќе да се “скрие” позади “јавноста”.

Чекајќи ја единствената извесност за нашата држава, уставните измени, сведочиме на “крахот на системот”. Системот на заробеното општество. И можат со своите скриени пораки, и дозволени места, да ги разместуваат улогите на актерите на “лидерската маса” колку сакаат, ама ако после агонијата нема (посакувана) анархија, има соочување. Соочување со свеста и свесноста што ни’ се случува сите овие години. А, од тој процес нема враќање назад. И вистинската улога и покрај наметната перцепција на “масата” или под неа, сепак секој самиот си ја определува. Од секого зависи, зарем не? Каква улога ќе прифати, и уште поважно каква улога ќе одигра.

Слични Објави