|

ТАЛАТ ЏАФЕРИ: РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА Е НА СИГУРЕН ПАТ КОН НАТО

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, оствари средба со Заменик-министерот за Европа и надворешни работи на Република Албанија, г. Гент Цакај.
На средбата, двајцата соговорници го изразија задоволството за ратификацијата на пристапниот Протокол за НАТО во албанскиот парламент. Нагласена  е одличната соработка меѓу Тирана и Скопје во изминатите години, како и напорите на Албанија за поддршка на нашата држава на европскиот пат.

Претседателот Талат Џафери нагласи дека, Република Северна Македонија е на сигурен пат кон НАТО, а државата посветено работи на исполнување на неопходните реформи и задачи за добивање датум за почеток на преговорите со ЕУ.

„Свесни сме дека ова не е лесен процес, но со сите сили и капацитети Собранието и Владата работат на постигнување на посакуваната цел“, рече претседателот Џафери. Тој ја нагласи неопходноста од соработка на сите политички чинители заради исполнување на обврските за доброто на граѓаните и на државата. Претседателот стави посебен акцент на интензивирањето на економската соработка помеѓу двете земји. 

Заменик-министерот Цакај упати честитки за храбрите политички чекори за откочување на процесот на евроатланските интеграции. Република Северна Македонија не е само земја сосед како резултат на случајни географски околности, туку и пријател и стратешки партнер со кој односите ги градиме преку конструктивен дијалог и ефективна соработка. Пристапувањето на Северна Македонија во НАТО и заедничкиот пат кон ЕУ е додадена вредност за развој на регионот и особено за негување на мирот и стабилноста, рече Цакај.

Двете земји очекуваат во јуни на Самитот на ЕУ да биде потврдена одлуката за отпочнување на преговорите со ЕУ.
На средбата се зборуваше, меѓу другото и за Коридорот 8 и за можноста за скоро потпишување на иницијативата за воспоставување културни центри во двете земји, како и за кандидатурата на Република Албанија за непостојана членка на Советот за безбедност за периодот 2022-2023 година.

.   

Слични Објави