| |

Талентираните ученици што освоиле медали на меѓународни олимпијади ќе студираат бесплатно и со стипендии во Бугарија

Талентираните ученици кои се истакнале на меѓународни олимпијади ќе можат да студираат бесплатно во високообразовните институции во Бугарија и ќе добиваат месечни стипендии. Ова го предвидува новата програма на Министерството за образование и наука на Бугарија – Избирам да студирам во Бугарија“, која е објавена за јавна расправа, јавува БГНЕС.

Програмата, чија концепција беше најавена во изминатите месеци од бугарскиот министер за образование Красимир В’лчев на средби со студентски организации и претставници на академската заедница, има за цел да ги задржи најдобрите млади таленти во земјата и да им обезбеди подобри можности за развој и професионална реализација.

На поддршка од програмата ќе можат да сметаат сите лауреати кои освоиле златен, сребрен или бронзен медал на меѓународни олимпијади по математика, информатика, физика, хемија, биологија, астрономија, лингвистика, географија/науки за Земјата и вештачката интелигенција. Доколку тие ја продолжат својата едукација во бугарски универзитет, нема да плаќаат такси и ќе добиваат стипендија во висина на една минимална месечна плата за таа година, но не повеќе од 665 евра.

Вкупниот буџет на програмата изнесува 3,6 милиони евра. Средствата ќе им бидат доделени на државните универзитети, кои ќе ги исплаќаат стипендиите на студентите. Програмата ќе трае 60 месеци, а финансирањето ќе се распределува по академски години според бројот на запишани лауреати.

Според Министерството, „Избирам да студирам во Бугарија“ не само што ги мотивира и поддржува талентираните млади, туку и го спречува нивниот одлив кон странство. Иницијативата ќе придонесе за зголемување на конкурентноста на Бугарија преку подготовка и задржување на високо квалификувани кадри кои ќе го развиваат економскиот и научниот потенцијал на земјата. Дополнително, ќе се зајакне врската меѓу високото образование и пазарот на труд, велат од бугарското МОН.

Слични Објави