|

ТикТок: Албанија се подготвува да го забрани, Македонија се обидува да го претвори во едукативна алатка

Автори: Клодјана Агај и Бојан Стојковски

Дебатата за забрана на социјалната мрежа ТикТок е во центарот на вниманието во Албанија во изминатите недели. Имајќи го предвид последниот и најсериозен инцидент кој резултираше со загуба на човечки живот, албанскиот премиер Еди Рама предложи забрана на социјалната мрежа која е доста популарна во земјата, особено кај младите.

Правилен потег или погрешен? Целта на оваа иницијатива, според премиерот, ќе биде да се ограничи онлајн-криминалот и да се заштитат децата. Ваквиот чекор беше најавен по убиствотп на 14-годишниот Мартин Чани пред училиштето „Фан Ноли“ во Тирана на 19 ноември, поради расправија започната токму на ТикТок.

Трагедијата, која заврши со едно убиено дете, уште едно повредено и еден затворен малолетник, како да не беше доволна, па на социјалните мрежи се одвиваше и посебна драма, посветена на прашањето на ТикТок.

Непосредно по трагичниот инцидент, видеото што подоцна беше избришано, а на кое беше прикажана расправа меѓу двајца млади на ТикТок, предизвика реакција и кај корисниците на мрежата и јавноста, а традиционалните медиуми, пак, го објавија без потребната верификација.

Медиумските написи ја интерпретираа расправата во видеото како „закана од роднините на убиецот на Мартин кон сите оние кои ќе се обидат да ги навредат“. Оваа интерпретација потоа предизвика говор на омраза кон семејството на уапсениот малолетник, наговестувајќи дека кругот на одмаздата ќе продолжи.

Но, по проверката на фактите беше откриено дека тоа е само фрагмент од една нова групна дискусија. Лицето кое се појавува на видеото и тврди дека ќе му „даде пример на секој оној што ќе го навреди“, има профил со името „Гази Маштруеси“. Албанската полиција по истрагата потврди дека ова лице не е роднина на сторителот. 

Полицијата изјави дека го идентификувала 16-годишен тинејџер од видеото, жител на САД, против кого се поднесени пријави за кривично дело „поттикнување омраза или раздор“. По ова, дебатата за забрана на ТикТок се разгоре уште повеќе.

Детална анализа пред било каква одлука

Според ИТ експертот Бесмир Семанај, дебатата за затворањето на ТикТок е комплексна тема што заслужува детална анализа од сите страни.

„Секоја социјална мрежа има свои проблеми, но забраната е екстремна мерка. Како поддржувач на технологијата и развојот, забранувањето на оваа платформа не е принципиелно решение“, вели експертот.

Семанај додава дека овие мрежи често промовираат проблематични ликови и дека ограничувањето е неопходен за заштита на младите.

„Во Албанија, корисниците на ТикТок често се однесуваат непримерно, промовирајќи содржини што негативно влијаат врз нивното образование. Ако институциите не можат да воспостават јасни и ефикасни правила, привременото ограничување на платформата би можело да биде неопходен чекор за заштита на јавноста, и особено на младите.“

Семанај потоа детално ги наведува следните опасности од ТикТок:

  • Теории на заговор што ја извртуваат реалноста и создаваат неоснован страв кај јавноста.
  • Создавање лажни социјални, политички и економски кризи што шират паника.
  • Промоција на насилство и сајбер булинг.
  • Глорификација на проблематични личности како „херои“.
  • Лажни вести што се шират брзо и влијаат на општествените и лични одлуки.

Според лидерот на движењето „Граѓански отпор“ Ригелс Џемолари, дебатата за затворање на ТикТок е обид да се избегне вистинската дебата за институционалната одговорност.

„Премиерот ја започна оваа дебата знаејќи ја загриженоста на родителите поради времето што нивните деца го поминуваат на мрежите, за да го избегне вистинското прашање за улогата на училиштата во обезбедувањето соодветна инфраструктура и безбедност.“

Контролирано користење на ТикТок во Албанија

Наставничката во „Албанскиот колеџ“ во Тирана, Сонила Бака, смета дека затворањето на ТикТок би можело да помогне учениците да се фокусираат на образованието, но додава дека најдоброто решение е воведување на правила.

Среде постоечката дебата за затворање, Семанај предлага контролирано користење на мрежата:

  • Ограничувања според возраста на корисниците и надзор на содржини.
  • Подобрување на дигиталното образование кај младите и родителите.
  • Соработка помеѓу институциите и заедницата.

Од забрана до едукативна алатка

Додека Албанија дебатира околу забрана на ТикТок, Македонија се обидува социјалната мрежа да ја претвори во еден вид на едукативна алатка.

Неодамна, загриженоста за ТикТок во Македонија ескалираше од обични дезинформации до реални последици во општеството. Во изминатите две недели, единаесет деца беа повредени и примени во градската болница во главниот град Скопје по обидот да изведат нов предизвик кој се појави токму на ТикТок.

Овој опасен подвиг, наречен “предизвикот Супермен“ вклучуваше деца кои ги пружуваат рацете како Супермен, додека нивните врсници ги фрлаат во воздух. За среќа, само две деца се здобија со скршеници а останатите поминаа со модринки. Во следниот период, и властите и загрижените граѓани ја нагласија потребата од поголем надзор на ТикТок. 

Во дебатата која што се разви периодов многумина ја истакнаа и клучната улога на образованието во спречувањето на вакво опасно однесување кај младите корисници.

Владата и експертите во Македонија потенцираат дека забраната на ТикТок не е решение. Наместо тоа, тие повикуваат на едукативен пристап за намалување на ризиците поврзани со оваа платформа. Иако во земјата досега имаше вакви дискусии, според македонскиот министер за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, „забраната на социјални мрежи би била опасна и штетна“. 

“Како држава којашто се смета себеси за европска, за либерална, држава којашто верува во прогресивните вредности на ЕУ би било штетно да одиме кон целосно забранување на апликации затоа што ваков тип на предизвици утре можат да се појават на социјалната мрежа Фејсбук, Јутјуб, Инстаграм, ќе треба ли да одиме кон забранување на сите мрежи во државата?“, изјави Андоновски.

Експертите за дигитални права го поддржуваат ваквиот став на Андоновски. Сите платформи имаат свои предности и недостатоци, и важно е ова да се има предвид. Меѓутоа, дискусиите за нивната регулација треба да се одвиваат низ судовите во демократски општества, а не преку владини наредби.

Во овој контекст, истражувачот за дигитални права со седиште во Брисел, Ена Бавчиќ ги објаснува последиците од ваквите забрани.

 „Овие проблеми треба да ги решаваме преку судски одлуки, а не преку општи забрани“, забележува таа, нагласувајќи дека интернетот постои како слободен простор за иновации и изразување.

„Според мене, повеќе смисла има овие одлуки да минуваат низ судовите, како што направи Бразил со платформата Х. На тој начин навистина ќе можеме да го адресираме проблемот, особено во демократски земји со каде што има владеење на право. Мора да се признае дека владините одлуки, иако понекогаш оправдани, можат да ја отворат вратата за порестриктивни забрани. Владите се менуваат, а со подемот на екстремната десница, која платформа би била следна на листата за забрана?“ прашува Бавчиќ, додавајќи дека на долг рок ова може да го задуши слободниот говор.

Подобрување на сајбер хигиената кај сите возрасни групи


Наместо тоа, Андоновски и неговиот тим се фокусирани на создавање едукативни програми и иницијативи за да ги научат младите корисници, родителите и наставниците како безбедно да се движат во дигиталниот простор. 

Според министерството, ова ќе биде и клучен чекор кон создавање побезбеден дигитален простор за сите граѓани, особено младите, со оглед на тоа дека „во ерата на брзата дигитализација, онлајн безбедноста не е луксуз, туку потреба“.

Еден од клучните одговори на македонската влада во овој контекст е проектот MKSafeNet, финансиран од ЕУ преку програмата Digital Europe. Иницијатива е направена за да го зајакне рамковниот систем за дигитална безбедност на земјата преку повеќеслоен пристап. 

Главната цел е да се едуцираат младите, родителите и наставниците за создавање на т.н. сајбер хигиена и безбедна употреба на интернетот.

Финансирањето на проектот поддржува развој на едукативни материјали на македонски, албански и други јазици, со цел да се допрат различни возрасни групи и корисници од градинка, па се до универзитет. Овие материјали ќе покриваат теми како што се препознавање веродостојни извори, разликување на лажни и вистински вести и спроведување основни безбедносни мерки како поставување соодветни сметки според возраста на корисниците на мобилните уреди.

„Инспирацијата дојде од алатка за заштита на деца наречена Casper, која ги следеше пораките примени преку социјалните мрежи и детектираше злонамерни пораки, сајбер насилство и визуелна заштита од непристојни слики,“ вели Иван Чорбев, професор на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) во Скопје и раководител на MKSafeNet.

Филтрирање на несоодветната содржина за младите корисници

Проектот исто така вклучува создавање на Центар за побезбеден интернет, кој ќе служи како центар за информации и ресурси. Првиот чекор е воспоставување повикувачки центар (call center), каде што децата и родителите ќе можат да пријават сајбер инциденти и да добијат насоки како да се справат со нив. Дополнително, MKSafeNet ќе лансира едукативни кампањи, работилници и семинари за подигнување на свеста за ризиците од платформи како ТикТок и промоција на побезбедни дигитални практики.

Целта е да се создаде модел сличен на оние во земјите на ЕУ, каде што центрите за побезбеден интернет се од суштинско значење за создавање сигурно онлајн опкружување за младите корисници.

„Покрај собирањето и адаптирањето на постојните материјали, ќе работиме и на создавање нови едукативни содржини – пишани материјали, аудио, видео, па дури и материјали за тренери. Целта е да посетиме голем број училишта, каде што можеме да спроведеме обуки, започнувајќи го процесот на учење кај децата и подигање на свеста за оваа тема,“ објаснува Чорбев.

Како дел од проектот, експертите ќе развијат и алатки за филтрирање и блокирање на несоодветна содржина. За помладите деца, каде што е потешко да се воспостават сајбер хигиенски навики, на располагање се алатки што им овозможуваат на родителите да го ограничат пристапот до потенцијално штетен материјал. Чорбев објаснува дека често недостасува знаење кај родителите за тоа како ефикасно да ги користат овие алатки.

„Понекогаш решенијата се едноставни, како на пример поставување соодветни сметки според возраста, но постои јаз во достапноста на овие информации за родителите,“ вели тој.

На прашањето дали забраната би била ефикасна, тој ја нагласува важноста на едукацијата над забраните. „За мене, има повеќе смисла овие дискусии да се одвиваат низ судовите отколку преку општи забрани.“

Чорбев смета дека едукативниот пристап не само што е поефикасен, туку е и помалку проблематичен. „Забраната на платформите може да создаде општество каде што слободата на изразување е ограничена,“ додава тој. „Наместо тоа, треба да се фокусираме на создавање безбедно и инклузивно дигитално опкружување за сите корисници.“

Проектот, кој започна во септември оваа година, ќе трае 18 месеци и ќе овозможи целосно спроведување на едукативните материјали и алатки. Неговата цел е да остави систем во кој обучени тренери и наставници ќе продолжат да ги пренесуваат овие вештини на идните генерации.

„Акцентот е на сајбер хигиената и безбедната употреба на интернетот. По завршувањето на овие 18 месеци, сакаме да оставиме наследство од обучени едукатори кои ќе ја продолжат мисијата за дигитална безбедност.“ заклучува Чорбев.

Фото: Freepik



Слични Објави