| |

Тито го наредил убиството на стотици македонски Бугари во куќа во Битола

Пишува: Ели Секуловска специјално за БГНЕС

Отидов да се соочам со она од кое се плашев , од сето она што потонало во живиот песок. Се упатив до куќата каде беа затворени моите, до она место во центарот на градот кое постојано го избегнував .Тешки и бавни ми се чекорите. Аретриите на слепочниците бијат толку лудо , а нешто длабоко ме стега во градите .Обземена од страв чија причина залудно ја барам.

Градот е во знакот на зеленилото, на дивата жестока , фанатична вегетација која избувнува со ефтина неквалитетна трева , отровна, злоќудна, паразитска. Чудна работа си велам, колку излудена виталност, залудна и непродуктивна тлее во овој сега мал и трошен град.

На крај, стигнувам до куќата. Ја отоврам железна порта. На тремот седи постара жена. Со трепетлив глас ја поздравувам .Се претставувам и и објаснувам. Таа е фина и приемчива .Таа ме разбира и ми објаснува дека и нив им била одземена таа куќа. Сега таа куќа е приватна сопственост. Ја замолувам нејзината фамилија да ме разбере, барем да ми дозволи да ги видам визбите каде беше затаворен дедо ми, баба ми, ,П,и татко ми. Освен братот на дедо ми кој бил ставен во безвоздушна ќелија во внатрешни.

Дрвената врата од визбите се отовра. Само мала конусна светлина ја осветлува просторијата !

Во оваа ќелија бил затворен во истото време и Паваел Шатев. Починал овде.Го извлекувале мртов. Оставен без храна и болен. Новите југословенски власти не му дозволувале ниту лекување.

Ги допирам зидовите кои ги допирале моите. Ми се чини дека под прстите ќе ги препознаам цртите на затвореничките календари и записи. Не знам што чувствувам. Изненадна изпразнетост и вртоглавица . Чувство кога просторот околу мене се губи и чии граници не ги гледам Тоа е нукрање во утробата, искорнета од мене, како нагло пропаѓање во некоја бестежнска состојба, Сакам да со одам што побрзо, некаде далеку и самата не знам каде.

Дали јас чувствувам страв? Не вреди да се лаже. Да, тоа е страв.Страв кој сум го потиснала во живиот песок како дете, страв кој уште тогаш придонесе за да се наруши моето здравје.

Брзо излегувам.

Ја разгледувам куќата….Главната куќа на УДБА која требаше да биде фортификација, бастион, утврдена градба која ќе контролира се’- полутврдина, полутеатар, полу надгледувачка лабораторија .Тука требаше да се контролира новото законодавство, тука требаше да се одметнат „штетните“ бугарашки елемнети, да се исчистат интелектуалците, да му се затвори устата на секого кој размислува ,за да се подигне новата хиерархија во знакот на нивниот Дугар Тито. Тоа требаше да биде живот во знакот на непрекинати просветлувања (честопати со тупаници од кои светнуваа искри ), но и зачудиувања.

Луето беа измачувани на најразлични начини . Биле врзувани за телефонска жица, честопати и намерно осакатувани, ги врзувале за нозете од балконската ограда да висат надолу………а некои и биле и намерно фрлани од балконот.

Паѓајќи во парабола, носен од силата на замавот, осуденикот лета низ воздухот и телото му се крши од плочникот . На сферната површина на балконот , изгладнети и монструозно малтретирани, во секој дел од денот може да се видат по неколку , соголени и слаби како костури луѓе кои висат обесени со јаже за нозете. Некој пат се нишаат од налетите на ветрот, ниту живи, ниту мртви, а минувачите гледаат. Некои ја вртат главата, некои им го посакуваат тоа што им се случило. По некој минувач ќе зафрли со камен по нив, можеби ќе ги погоди по слепочницата, или на некое друго место, крвта блика од сите страни , а ковчестите им раце се стегаат во грч како да го држат својот смртен венец. Сите од тие луѓе ја посакуваат својата сопствена смрт, но таа никако да дојде.

И уште многу други работи се правени, но треба да бидеме политични коректни нели ? Да не ги повредиме чувствата на потомците на тие кои кои тоа ни го правеа . Треба да бидеме фини, лицемерни и секако “нормални” во рамките на нивната „нормалност“ и „рационалност“.

Старите битолчани кажуваа дека болните кои лежеле во старата болница, (денес не постои, разрушена е а на тоа место никнаа згради),а истата се наоѓала на 300 метри од таа куќа,навечер не можеле да спијат.Ги слушале болните крици и викотници на затворениците кои биле измачувани..

Во тоа време, огромната пропаганда машинерија од кодоши и соработници на УДБа „работи“ во полн ек. Мора да има репродукција на непријатели. Затворениците мора што повеќе да се оцрнат .Колку повеќе се оцрнат, толку повеќе лицата на кодошите ќе станат бели. Тие секојдневно седат во чаршијата и зборуваат, а она што останало од населението е гладно да слуша провинциски трачеви за туѓи несреќи. Тоа им дава сила. Велат,тоа сме ние, јаки сме, а УДБа не чува од „непријателите“!

Нешто слично како и денес.

Инаку, кодошењето беше доста вносна „работа“ во тоа време, а богами и сега. На многумина , им овозможи добар, конфорен живот, станови и школување на нивните деца во странство. Наеднаш тиа станаа комунисти, партизани, се самопрогласуваа за некакви народни херои, земаа огромни пензии.Денес, тие се главните патриоти, но не дека ја сакаат Македонија, туку се борат за да не им излезе крвавата им душа на виделина.

Полициска истрага

1949 година.

При крај е долгата и крвава пресметка со десницата , а сега почнува и крвавата премсетка со левицата. Битола е претворена во мачилиште. Френетично се апсат луѓе и од десницата и од левицата. Колку ли луѓе биле затворени овде? За многумина ова место значело крај на нивниот животен пат. Луѓето беа измачувани, од нив се бараше некакво признание за да бидат виновни. Едноставно, тие мораа да се направат виновни!

УДБА апсеше ноќе. После првиот сон, кога ви е најслатко. Најверојатно и денес е така, не знам. На 13 Февруари е уапсен П. близок роднина на дедо ми кој живеел во неговата куќа. Под етикетата Стаљинист .Не знам дали се изјаснал за Стаљин или тоа било наредба од Темпо за да се исчисти интелигенцијата од редовите на комунистичката партија. Потоа, ноќта на 19 Февруари, во раните утрински часови е уапсен дедо ми, десничар .Од соседната куќа се слуша шкрипење на железна порта, Да, го апсат и братот на дедо ми.

П. е однесен во куќата и веќе го поминал „огненото крштевање“. Дедо ми однесен во истата куќа, но во друга ќелија. Братот на дедо ми, во внатрешни, во безвоздушна ќелија.

Првично, дедо ми е осуден на стрелање по кратка постапка. Заведен под графата С-СТРЕЛАЊЕ! Но, на некого му текнува дека ќе им треба како интелектулац. Да, ќе го чуваат откако цела фамилија ќе му ја уништат. И засекогаш ќе му ја стават јамката околу вртот. Да биде послушен, да биде реставриран во небитноста, во просечноста. Јазолот во кој душата била врзана , не е лажен јазол кој се одврзува кога ќе се потегне едниот крај . Напротив , се појако се стега . Манипулираме околку него, го следиме текот на конецот , но наместо да се олабавува, тој повеќе стега.

Полициската истрага (ако може да се нарече истрага) личи на трчање маратон со многу пречки, но на крај не стигнувате никаде. Иследувањето почнува , додека пак УДБА по секоја цена мора да изнуди некакво признание. Се бара вина. Лесно е со тие кои имаат вина, но што со тие кои немаат? Тогаш се оди со максимална физичка тортура. Тогаш ви се закануваат дека ќе ви ја уништат и цела фамилија.

Почнуваат со ординарни прашања, а вие не сте свесни дека доколку признаете нешто што за вас е сосема банално, потоа следува верижна реакција. Почнуваат да го пишуваат записникот. Тогаш од полицијата дознавате нешта кои ниту вие не сте ги знаеле за себе .Дека сте биле шпиун и дека само што не сте направиле војна помеѓу Америка и Русија! Дека сте биле воен профитер иако им ги покажувате оригиналните документи за Вашата работа.

Уште пострашно!

Сте соработувале со Америка и Англија? Оф, па вие сте и американки , англиски и бугарски, а штом сте соработувале и со Индија, и индиски шпиун. Можеби и германски, не се знае. Освен што ви ја пцујат мајката бугарашка, ве нарекуваат и со погрдни имиња. Треба да ве направат и државен непријател, а штом така намерила УДБА, тоа и ќе го направи. Секако дека вие не сте учевствувале во пишувањето на записникот , освен кога го читате а не можете да не рагирате на правописните грешки на полуписмениот иследник .

Барате адвокат, а тие ве прашуваа дали можеби се шегувате ?

Во некои случаи може и адвокатот да биде апсен. Се разбира дека и тој нема да разбере зошто!

Ве изведуваат на судење, а пред тоа веќе ви го конфискувале целиот имот што сте го стекнувале и вие и десет генерации пред тоа. Се разбира, одземените пари не ги ни споменуваат.

Деновиве ги прелистувам досиејата и записниците. Во поглед на жанрот може да се сместат помеѓу документарната проза и начуната фантастика. Би се рекло дека е тоа едниственото подрачје во кое фантастиката се прима како документ додека пак истиот треба да постулира некаква си објективна реалност. Ние им се смеевме на схоластичарите кои го рачунаа бројот на ангели кои можат да играат на врвот на иглата. А УДБА не само што тој број емпириски го изрази, туку и поголемиот број на ангели ги натера да играат на врвот на иглата ! Се разбира, сосема емпириски !

Дедо ми е изложен на таква тортура што и намрачните умови не би можеле да ја смислт. Шест месеци траело изледувањето, а дедо ми бил затворен во таа куќа.

Ја однеле и баба ми, и прабаба ми …….. Баба ми изложена исто така на терор, не сака да признае никаква вина затоа што вина нема. Тогаш, го носат и нејзиниот 12 годишен син, татко ми, кој ќе ја види својата мајка врзана за столица , а него го сместуваат во друга ќелија .Соседната. Татко ми бил задржан повеќе од 10 часа во УДБА, плачел силно, ,додека мајката го слушала детскиот плач . Тогаш баба ми добива инфаркт во УДБА. Не знам што му се случило на татко ми, но знам дека тоа остави длабоки траги кај него. И пред да почине ми го спомена тоа.

Кој монструм го правел ова?

Ова е за разгледување во доменот на психопатологијата.

Знам кој е .

Денес е се уште народен херој!

И ете тука е точката која ме крши, точката од која понатаму не можам да го продолжам овој текст.

Само скици, расфрлани сеќавања. Затоа што не можам да пишувам кога абнормалноста станала норма. Затоа што не може да се пишува поинаку освен ако сето тоа не личи на кошмар. Како Молодоровите пеење на Лотреамон.Или… можеби, според рецептот на Рембо, под „растројство на сите сетила“.

Дедо ми го апсеа и после затворот, до 90 тите години. Беше повреден во окото, рацете му силно му се тресеа, му беше повредено и увото.Во 90-та година, на своја 88 годишна возраст , ги напиша своите мемоари. Добро образован , знаеше одлично и француски и англиски јазик и пишуваше до сите меѓународни организации. Пишуваше и до сите тогшани македонски политички челници, но тие не му одговараа.

Се сеќавам кога го апсеа. Имав неколку години, плачев ,клекната долу покрај неговите нозе и силно ги стегам. Доаѓаат “чичковците” од УДБА кои ми беа добро познати, ме оттурнуваат , и го носат дедо ми. По не знам кој пат. Мнoгу добро се сеќавам на нив. Беа облчени со долги кожени мантили, највишиот израз на тогашниот револуционерен шик ,со жирадо шешири и полуцилиндри . Денес, од оваа перспектива ,ми личат на пропаднати авијатичари кои одамна го изгубиле курсот и чиј апарат им се срушил некаде во небиднината.

Ги гледам албумите. Размислувам . Трбе да се напише книга Македонија против Македонија.

Почнувајќи од Димитар, осуден на 101 година затвор во Анадолија, како еден од организаторите на Илинденското Востание,неговиот брат убиен, потоа Стерјо Боздов, осуден на 5 години затвор во Главњача, потоа дедо ми, 14 години, баба ми две години, братот на дедо ми, 12 години години , П. Убиен на Голи Оток… и уште едно убиство!

Зошто?

Тие луѓе дале многу за Македонија !

Но, секогаш е така. Маса на луѓе се спротивставуваат на оние што ја водат во големината. Особено кога таа големина презира заведување, не гали, не ветува.

Денес целото подрачје на животот е поделено, раскомадано, ставено под контрола. Прогласена е неможност на големината, прогласена е нејзината неупотребливост. Истакната е безличната страна на настаните , цифри, статистика, а ситоријата е полна со мравјалници и прашина- оладени гробови на големината.

Фото: Димитар Русков/БГНЕС

СТАВОВИТЕ И МИСЛЕЊАТА ИЗНЕСЕНИ ВО РУБРИКАТА „ПОЗИЦИЈА“, НЕ СЕКОГАШ СЕ ИЗРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА ПОРТАЛОТ „ТРИБУНА“

Слични Објави