Тошковски: Нема да поднесам оставка
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски преку обраќање до јавноста реагираше на, како што рече, очајните и политички мотивирани напади од страна на СДСМ, обвинувајќи ја партијата дека со хистерични и неосновани соопштенија се обидува да прикрие сопствен очај и политички пораз.
„Осум години уништување на државата и страв од одговорност за истото не се бришат со папагалско повторување на зборот ‘оставка’“, порача Тошковски, додавајќи дека во последните денови сме сведоци на уште еден бран очајни, неосновани и политички мотивирани напади од СДСМ. Тој оцени дека очајот во партијата е огромен „кога секоја нова анкета им ја топи поддршката побрзо отколку што тие успеваат да измислат нова лага“, и дека тоа што се случува не е политичка дебата, туку очај маскиран во соопштение.
Тошковски посочи дека веќе повеќе од една година секојдневната активност на прес-центарот на СДСМ се сведува на „папагалско повторување на зборовите ‘оставка за Тошковски’“. „Секој ден, истата реченица, иста интонација. Изгледа како да добиле упатство без разлика која е темата, одговорот мора да биде ‘оставка’. Еден ден тоа е безбедноста, друг ден животната средина, третиот парното во зграда. Нема да бидам изненаден ако СДСМ утре излезе со итно соопштение дека јас сум лично одговорен и за недостигот на сончеви зраци во Скопје“, изјави министерот.
Според него, таквите настапи само покажуваат колку е изгубена партијата која нема аргументи и се обидува да произведе скандал од секој случај. Тој обвини дека обидите на СДСМ да прикаже дека припадници на МВР воделе партиски состаноци се резултат на страв од институција што конечно не им е под команда. „Кога не можат да најдат реален пропуст, го измислуваат. А кога ќе се појави вистински настан, како денешниот инцидент со пукање во Куманово, веднаш го претвораат во нова доза на политичка хистерија. Пред да заврши увидот, пред да се појават првичните наоди, тие веќе бараат оставка. За нив секој трагичен настан е средство за политичка пресметка и наместо за момент да покажат барем минимална човечност и почит, веднаш трчаат пред камери. Тоа не е грижа за државата, тоа е очај маскиран во политика“, рече Тошковски.
Тој нагласи дека додека опозицијата „глуми загриженост“, институциите работат и резултатите се видливи. „Очигледно е дека многу нешта им пречат, особено тоа што конечно институциите работат, а правдата им тропа на врата. Толку ли многу ви смета што покренавме кривични постапки против корумпирани судии и обвинители? Толку ли многу ви смета што расчистивме 14 криминални банди кои се занимаваа со дрога, трговија со луѓе и тешки убиства, токму додека министер за внатрешни работи беше човек од СДСМ? Толку ли многу ви смета што уапсивме членови на терористички ќелии? Толку ли многу ви смета што поднесовме кривични пријави против поранешен министер за култура, поранешен директор на ЕСМ, поранешен директор на затвор, поранешни градоначалници и корумпирани директори на државни институции? Очигледно е дека не ви пречи начинот на кој работам, туку резултатите од таа работа, бидејќи конечно после вас, МВР не е алатка за остварување на теснопартиски и бизнис интереси на поединци поврзани со власта, туку инструмент за спроведување на законот“, изјави министерот.
Тошковски потсети дека за само една година преживеал две интерпелации – една од Левица и една од ДУИ – и додаде дека „единственото што недостига е СДСМ да се приклучи со своја трета интерпелација“. „После година и пол постојани барања за оставка, би било политички коректно конечно сите заедно да застанат на иста страна, барем во очајот и да поднесат и трета интерпелација, која ќе биде уште една шанса да ги спротивставиме вашите осум години хаос и уништување на системот со нашите година и половина мерливи резултати“, рече тој.
Министерот нагласи дека нема намера да поднесе оставка. „Нема да си поднесам оставка, напротив, додека вие се занимавате со спинови и конструкции, ќе продолжам со решавање на проблеми и расчистување со нередот кој го оставивте. За вас политиката е шоу, за нас е одговорност. А тоа е разликата помеѓу власт што руши и генерација што гради“, порача Тошковски.
Тој заклучи дека за десетина дена, на локалните избори, ќе се види резултатот од политичките обвинувања. „Тоа ќе биде моментот кога зборовите ќе се судрат со делата и граѓаните ќе кажат кој работел, а кој само ширел паника и хистерија“, истакна министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.