“Трајан”, Јован Бабунски и Глигор Соколовиќ ќе бидат мостовите помеѓу српскиот и македонскиот народ?!
Пишува: Зоранчо Маринков
Вчера во библиотеката во Битола се одржа манифестација под наслов “Животот е жив – Нови читања на делата на Анѓелко Крстиќ”. За животот и делата на Ангелќо Крстиќ, говореше госпоѓата Мирјана Бојаниќ Кирковиќ, професор на Филозофскиот факултет во Ниш.
Во позадината на сцената, се менуваа неколку слајдови, од кои на еден пишуваше дека Анѓелко Крстиќ е “македонски поет, раскажувач, романописец и драмски автор”, а професорката се заблагодари на организаторите за слајдовите.
Главниот заклучок од вчерашниот настан, со којшто се согласија учесниците беше, дека делата на Ангелќо Крстиќ биле мост на поврзување помеѓу српскиот и македонскиот народ.
Кратки податоци за тоа кој бил Анѓелко Крстиќ. Роден во 1871 год. село Лабуниште, Струга. Работел од млад во Белград, заедно со неговиот татко. Ја посетувал Светосавската вечерна школа и завршил образование за учител, по што се вратил во неговото родно село. Работел на отварање на училишта на српски јазик во регионот на Дримкол, за што добивал месечна плата од државата Србија. Во Првата светска војна се бори во редовите на српската армија. Анѓелко Крстиќ умира во неговото родно село Лабуништа, во 1952 год. Анѓелко Крстиќ умира во неговото родно село Лабуништа, во 1952 год.
Во нејзината презентација др. Бојаниќ Кирковиќ истакна дека, Анѓелко Крстиќ во неговите дела го опишувал животот на тогашното македонско население (тадашњег македонског живља) од сите аспекти. Таа истакна дека Крстиќ, запишувал и српски усни песни и муслиманска традиции.
Според професорката, новите читања на Анѓелко Крстиќ требало најнапред да тргнат по овој редослед, а се она што иделогијата му го препишувала на неговото дело требало да се тргне на страна. Според Мирјана Бојаниќ Кирковиќ, Крстиќ бил објективен и космополит кој рамноправно пишувал за неговите соседи иако биле од друга вера и националност, но биле негови пријатели.
Да видиме сега еден извадок од романот “Трајан”, во врска со тоа што пишувал Крстиќ за Бугарите. Следната реченица е од разговор помеѓу српски четник и главниот јунак во романот Трајан.
“-Па што их не очистите?… Једну ноћ па у куће и све мушко одрасло прво питате: “Хоћеш да се покрстиш, да ниси више Бугарин?” па ако неће, поткреши, поткреши и угарак у кућу… Што ће они код толиких наших домова овде да штрче!…
Од друга страна, во Енциклопедија издедена во Титова Југославија во 1962 год. за Анѓелко Крстиќ го пишува следното:
“Најголемиот дострел Крстиќ го достигнува во романот Трајан (1932), во кој на широк план е прикажан животот на македонските печалбари (за турското владеење, во текот на Балканските и Првата светска војна), нивните страдања и стремежи, но во којшто дошле до израз и великосрпските разбирања на писателот во однос на македонското прашање.”
Освен романот “Трајан”, поважно дело на Анѓелко Крстиќ е и драмата “Заточеници”, која ги опишува токму српските четници – Јован Бабунски, Мицко Крстич, Глигор Соколовиќ – Љаме и др. кое се борат против ВМОРО. Тој драмски текст е напишан во 1937 год., а целта на неговото пишување била одбележување на 25-годишнината од ослободувањето на Јужна Србија.
Да наведеме сега неколку цитати од “Спомените” на Анѓелко Крстиќ, напишани од него во април 1949 год.
“Почнавме тогаш да поднесуваме молби од страна на селата до уќуматот во Охрид, до валијата во Битола, до Министерството за просвета во Цариград. Бараме за српски училишта на книги-учебници одобрени од Министерството за просвета во Цариград; истакнуваме дека во овие наши села постоеле српски училишта од порано, ја истакнувавме јавно српската народоност.”
“Но на среќа војната (забелшка: грчко-турската војна од 1897 год.) не траеше долго и таа нам ни донесе признавање на нашата српска нација од страна на властите, и дозвола за отворања на училишта – после полни осум години на тешки искушенија”.
Сега да кажеме нешто повеќе за неговото најзначајно дело, романот “Трајан”. Романот прв пат е издаден во Кралска Југославија во 1932 год. на српски јазик, а вторпат е издаден во 1954 год. во Титова Југославија исто така на српски јазик. Ако некој ги читал двете изданија, тој ќе остане шокиран од разликите во нив, бидејќи верзијата од 1954 год. е силно редактирана. На македонски јазик е издаден во 1987 год. и е само превод на верзијата од 1954 год., што значи исто така е многу изменет во однос на оригиналот.
Речиси сите зборови “Срби”, “српско/а/и”, “Јужна Србија” што во романот Анѓелко Крстиќ ги користи за означување на народноста, на јазикот, на училиштата на главните ликови, како и на областа во која тие живеат, се исфрлени во изданието од 1954 г. и од 1987 г. Исто така исфрлани се цели страници и стотици пасуси и зборови од оригиналната верзија, па некои страници немаат смисла, а романот има и сосем друг крај, затоа што е исфрлена целата последна страница.
Отстранет е цел пасус каде што се зборува за Илинденското востание, како бугарско востание, кое го турнало народот во невидени маки и за кое вината била на Бугарија. Бугарската организација, односно ВМРО, го плачкала народот наметнувајќи му да плаќа парични давачки.
Исто така ги нема и деловите каде што се зборува за српските четнички војводи, во чијашто организација припаѓа главниот јунак Трајан. Го нема делот од романот каде што српскиот четнички војвода – Глигор Соколовиќ Ламе, чичкото на Блаже Конески, им кажува на Трајан и на другите српски четници дека треба да се борат само против Бугарите и башибозукот, а не против турскиот аскер.
Исфрлен е делот каде што се раскажува за битката на српските четници со водачот на бугарските чети – Дамјан Груев.
Но, најважно од се е исфрлањето на последната страница од романот. Имено, оригиналното издание од 1932 год. завршува кога во училницата на синот на веќе покојниот Трајан, малиот Славко, во струшкото село Трпенци (Лабуништа) влегува лично кралот Александар Караѓорѓевиќ. Бидејќи државата не му доделила пензија на семејството на Трајан, кралот му приоѓа на детето и му кажува отсега лично тој ќе се грижи за него и за неговата мајка.
Говорејќи на вчерашниот настан во библиотеката, професорката Мирјана Бојаниќ Кирковиќ спомена дека верзијата од 1954 год. е редактирана. Според неа, тоа можеби се должи на фактот дека некои лица во тоа време воочиле дека делото на Анѓелко Крстиќ носи потенцијал за некаков политичко, идеолошко, национално па можеби и националистичко влијание, што според професорката, не било точно.
Таа спомена дека се исфрлени и променети некои дијалози во романот кои се водат од ликовите на учителот Дојчин и на коџабашија Исак. Според неа, Дојчин и Исак разговареле за јазикот, за книжевноста, за општеството, но тие тоа го правеле дијалектички од разни аспекти, без претензии на одредени заклучоци.
Да видиме сега еден дел од романот Трајан, од изданието од 1932 год., кој се однесува на овие ликови:
“Неговото маало, на коџабашија Исак, Бардакови, имаше седумнаесет-осумнаесет куќи. Тие повеќето работеа по блиските градови Битола, Прилеп, Велес, Скопје како млекари и бозаџии. Тие прво почнаа од некое време наместо народносното име “рисјани” и “нашинци” да го употребуваат во разговорот името “Бугари”, па подоцна по примерот на повеќе граѓани и себеси да се нарекуваат така”.
Што му вели Дојчин на чичко Исак:
“Ние Србите, беше овде српски учител пок.Цветко пред дваесет и неколку години и други можеби порано; овде никогаш не се споменуваше бугарското име затоа што го немаше, како што и сега всушност го нема…”
Понатаму Дојчин продолжува:
“Кој, зарем јас да бидам бугарски учител? му се внесе поблиску на Исак. Зарем ти тоа мене да ми го кажеш?!… Па подобро Турчин, отколку тоа што ми спомена… да бидам Бугарин! ти тоа мене…”
Анѓелко Крстиќ во текот на целиот негов живот се декларира како Србин по народност, неговиот роден крај го смета за дел од Јужна Србија, а целото творештво му е на српски јазик.
Дека Анѓелко Крстиќ си останал на неговите ставови до крајот на животот и дека не дал согласност неговите дела да се редактираат во Титова Југославија, можеме да видиме од две репортажи во списанијата “Современост” и “Разгледи”.
Во 1952 год. во списанието “Современост”, кое излегува во Скопие, е објавена репортажа за последната средба на Коле Чашуле со Анѓелко Крстиќ. На средбата станало збор за реиздавањето на романот Трајан (во 1954 год.). Крстиќ кажува дека тој, сето она што го работел и го напишал го мислел, дека го имал за свое верују, за своја животна цел и го истрпел.
Крстиќ не бил согласен да се редактира романот Трајан и сакал да остане таков, каков што бил во оригинал. Коле Чашуле го прашува, дали последната страница на романот, каде што кралот Караѓорѓевиќ доаѓа во струшко на посета на училиштето, му била наметната од тогашните власти. Крстиќ на шега му одговорил, дека изгледа бил голем “јунак”, штом дозволил да му наметнуваат услови.
Коле Чашуле кажува дека не го прашал директно Крстиќ, дали тој смета дека последната страница од романот треба да отпадне, бидејќи се плашел дека Крстиќ ќе му одговори дека таа треба да остане.
Во 2000 год. во списанието “Разгледи”, кое излегува во Скопје, објавена е репортажа за последната средба на Јован Поповски со Анѓелко Крстиќ. Јован Поповски му кажува на Крстиќ дека тој бил најголемиот современ македонски писател, иако делата му биле пишувани на српски јазик.
Понатаму во разговорот, Крстиќ кажува дека во неговата куќа во Лабуништа дошла делегација на чело со сопругата на Лазар Колишевски, Лилјана Чаловска. Тие го поканиле да биле член на Друштвото на писатели на Македонија, но Крстиќ одбил. Им рекол дека веќе е стар, а и не го знаел новиот литературен македонски јазик. Крстиќ истакнал дека е српски воспитаник, зборувал, читал и се соживеал со српскиот јазик.
Поповски известува, дека Крстиќ му рекол дека нема против неговите дела да бидат преведени на македонски јазик, но тој како Србин дошол да живее во Македонија и да ги помине во неговото родно село последните години. Јован Поповски му поставил прашање дали Чаловска барала од него, да дозволи корекции на неговиот роман “Трајан”. Крстиќ му одговорил:
“Јас сине на госпоѓата Чаловска ѝ реков дека не сакам да поправам ништо во моите литературни дела. Не сакам да го избришам ни текстот, тој фамозен текст, кој што мнозина денеска ги иритира, на крајот на романот “Трајан” што се наоѓа на неговата последна страница. И реков: Госпоѓо Чаловска, јас не пристанувам ништо да се редигува. Што да ви речам? Можеби тоа дека сакам сѐ да остане како што сум напишал, па, ако сакате нека тоа биде некогаш и доказ за моите некакви заблуди…”
Да напоменеме дека, романот Трајан е издаден на српски јазик повторно во 2020 год., но овој пат како што е напишан во оригиналната верзија од 1932 год.
За крај, да ја видиме телеграмата за благодарност, што Анѓелко Крстиќ ја испраќа до Академијата за седум уметности од Белград, која го наградува за неговиот роман “Трајан”. Во телеграмата на Анѓелко Крстиќ, од 25 септември 1934 год., пишува:
“Во времето на тешко ропство и странски инвазии, кои се стремеле кон духовно и национално потчинување и уништување на народот на нашиот Југ, беше потребно да се работи на просветување и национално будење на овој наш напатен крај. Како еден од многубројните трудбеници во таа работа, живеејќи и работејќи во средина на сурови и бездушни господари, понижени и поробени аргати, вредни и родољубиви печалбари и секогаш заинтересирани лесно свиткувачки малограѓани, кадешто туѓинските интереси се наметнувале и доаѓале до израз, иако далеку од културните центри и академии, се обидев да го дофатам разновидниот живот и работата на средината и да ги изнесам такви какви навистина биле и се развивале. Ако во тоа во нешто успеав, толку подобро!
А денес, после повеќе од четириесет години работа, какво задоволство е за мене да го видам реализиран сонот на мојата младост, а напорите на мојот труд наградени со оваа награда од Академијата. Нека за тоа, Академијата да ја прими мојата длабока благодарност.”
