Трамп разочаран од Путин: „Економијата на Русија ќе колабира“
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека е длабоко разочаран што рускиот лидер Владимир Путин сè уште не ја прекинал војната во Украина, јавува БГНЕС.
„Многу сум разочаран, затоа што Владимир и јас имавме многу добри односи – веројатно сè уште имаме. Не знам зошто оваа војна продолжува. Таа се покажа како многу лоша за него,“ рече Трамп пред новинарите во Белата куќа, каде што го пречека аргентинскиот претседател Хавиер Милеј.
„Имав многу добри односи со Владимир Путин, но тој едноставно не сака да стави крај на оваа војна, а според мене тоа го тера да изгледа многу лошо. Тој би можел да ја заврши многу брзо,“ додаде Трамп.
Тој го повика Путин „навистина да го реши“ конфликтот, предупредувајќи дека „во Русија моментално има долги редици за бензин“ и дека „одеднаш неговата економија ќе колабира“.
Американскиот претседател најави дека украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе го посети Вашингтон во петок. „Знам што ќе каже – бара оружје. Би сакал ракети ‘Томахоук’“, рече Трамп, мислејќи на крстосувачките ракети со долг дострел.
