ТРАМП СЕ ЗАКАНИ СО САНКЦИИ ЗА ЕВРОПСКИТЕ АВТОМОБИЛИ

Американската администрација се закани дека ќе наметне царини од 20 проценти на увозот на автомобили од Европа, доколку Велика Британија, Франција и Германија официјално не го обвинат Иран за кршење на нуклеарниот договор од 2015 година, пренесе „Вашингтон пост“ повикувајќи се на неименуван европски официјален претставник.

Во текстот весникот потсетува дека трите европски земји во вторникот покренале механизам за решавање на спорот, кој би можел да доведе до официјално обвинение против Техеран за кршење на условите од договорот и обновување на укинатите санкции од Обединетите нации.

Иран го критикуваше овој потег, нарекувајќи го стратешка грешка.

Весникот вели дека е нејасно дали се потребни закани, со оглед на тоа дека трите држави веќе преземаат напори за надминување на несогласувањата.

Иако американскиот претседател Доналд Трамп и претходно се заканувал дека ќе наметне царини за увоз на автомобили од Европа, неговатата намера тогаш беше да обезбеди подобри услови за Вашингтон во американско-европските трговски односи, а не со цел да ја менува европската надворешна политика, пренесува агенцијата „Ројтерс“.

Извор: Макфакс