ТРАНСПАРЕНСИ ИНТЕРНЕШЕНЕЛ: ГРАЃАНИТЕ ТРЕБА ДА ЗНААТ КАКО СЕ ТРОШАТ НИВНИТЕ ПАРИ ЗА ВРЕМЕ НА ПАНДЕМИЈАТА НА КОВИД-19

UNCAC Коалицијата ги повикува владите да обезбедат висок степен на транспарентност во нивното справување со здравствената и економската криза предизвикана од КОВИД-19 пандемијата, со цел нивните заложби да бидат поефикасни и да ги намалат последиците предизвикани од корупција и измами.

Транспаренси Интернешнл – Македонија како членка на UNCAC Коалицијата во повеќе наврати укажа за заложбите коишто ги презема за време на КОВИД-19 пандемијата преку јавни соопштенија преку медиумите и социјалните медиуми, како и на активностите коишто заеднички ги спроведува во рамки на Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата.

Како што многу држави мобилизираат огромни суми во своите кризни фондови со цел справување со кризата, на јавноста, граѓанското општество и медиумите мора да им биде обезбедена слобода во набљудувањето и евалуацијата на тоа како се трошат јавните ресурси.

„Во ова време на криза, кога граѓанските слободи се ограничени, и системот на спреги и кочници е ослабнат, повеќе од било кога е неопходно да се осигура транспарентноста и анти-корупциските принципи на Конвенцијата на Обединетите нации против корупција и нивно спроведување“, – изјави Матијас Хутер, директор на UNCAC Коалицијата.

Во рамките на Конвенцијата, 186 држави низ светот се обврзаа да создадат системи за јавни набавки коишто ќе се основаат на транспарентност, конкуренција, и објективни критериуми во носењето на одлуки. Во нивните заложби со КОВИД-19 пандемијата, владите мора да обезбедат активно објавување на информациите поврзани со процесите на јавните набавки и јавен пристап до сите важни документи, вклучувајќи ги и поголемите евалуации, склучените договори, нивното спроведување, и завршувањето на проектите.

Неопходно е ова да се примени на склучените договори во постапките за време на криза.

Понатаму, јавноста треба да има пристап до информации, датуми на регистрација на компаниите, нивните поднесени документи, како и нивните директни сопственици, со цел да набљудува кој има придобивки од јавните договори.

Исто така, неопходно е владите да обезбедат транспарентност и одговорност во управувањето со јавните финансии, како што се обврзаа тоа да го прават во согласност со UNCAC: Владите треба да обезбедат целосна транспарентност и соодветен надзор на ресурсите коишто се распределени за справување со КОВИД-19 кризата. Во принцип, имињата и идентитетите на компаниите и претпријатијата коишто примаат помош во период на криза или финансирања, дали во форма на грантови или ниско-каматни кредити, треба да бидат јавно достапни, како и деталите во однос на дадената поддршка и било какви поврзани услови.

Граѓанските организации играат важна улога во набљудувањето во трошењето на јавните ресурси и осигурување на одговорност кај тие коишто носат одлуки. Владите се обврзаа кон промовирање на активна вклученост на граѓанскиот сектор во борбата против корупцијата во рамки на членот 13 од UNCAC. Исто така, неопходно е владите да обезбедат соодветен простор за граѓанските организации, како и медиумите да можат да функционираат дури и во време кога граѓанските слободи се ограничени за заштита на јавното здравје.

Во справување со КОВИД-19 пандемијата, голем број на влади преземаа мерки да се ограничи транспарентноста и јавниот пристап кон информации. Ефикасен пристап до информации е клучен, не само за превенција и детектирање на корупција, и осигурување на одговорноста, туку и за промовирање на јавната доверба и справувањето со дезинформации.

„За време на КОВИД-19 пандемијата, пристапот до информации е поважен од било кога, поради тоа што јавноста мора точно да знае што нивната влада прави за справување со кризата, и да се осигура одговорност во нивните одлуки“, вели Дејвид Банисар, претседател на UNCAC Коалицијата и претседател на Транспарентност во рамки на членот 19: „Пред се, владите не смеат да ја користат пандемијата како можност да ја покријат нивната неспособност, корупција или поширока злоупотреба на човековите права.“

Укажувачите често играат важна улога во откривањето на случаи на корупција, непотизам, измама, загуба и други проблеми коишто влијаат на јавноста. За време на кризата, многу излегуваат пред јавноста со октривање на проблемите со итните реакции што доведе до подобрувања. Но, многу исто така биле казнети или под закана поради таквите постапувања. Поради тоа неопходно е, државите да усвојат и спроведат законска рамка која ќе осигура целосна заштита на укажувачите коишто укажуваат грешки, во јавниот и приватниот сектор.

UNCAC Коалицијата исто така ги повикува сите донатори коишто ги поддржуваат државите во врска со справувањето со здравствената и социо-економската криза предизвикана од КОВИД-19, меѓународните организации, владите, фондациите, како и останатите приватни донатори – да осигураат највисоки степени на транспарентност кога обезбедуваат помош.

Донаторите е потребно јавно да ги објават деталите на финансиската и не-финансиската дадена помош, сите услови поврзани со помошта, имињата и другите идентификувачки фактори на компаниите на коишто им се доделени договори, како и нивните сопственици. Транспарентноста е неопходна за да им се овозможи на граѓанските организации и јавноста да го набљудуваат доделувањето и користењето на помошта во сите нејзини облици. Понатаму, донаторите треба да ги вклучат сите анти-корупциски мерки во кризните фондови коишто ги доделуваат за да може да обезбедат дека средствата не се несоодветно распределени, украдени или потрошени, туку ефикасно насочени кон тие на коишто им е највеќе потребна помош.