Третото издание на Sofia Guitar Fest ги собира „Остава“, проф. Цветан Недјалков, Свилен Ноев и No More Many More
Третото издание на Sofia Guitar Fest ќе се одржи од 18 до 20 септември во паркот кај Националниот дворец на културата (НДК), до киното „Кабана“, со концерти, мастер-класови, бесплатни обуки за почетници и традиционално масовно свирење на гитари, информира организацискиот тим, пренесува БТА.
Фестивалот ќе собере професионални музичари, љубители на гитарата и почитувачи на музиката во живо.
На 19 септември водечкиот ментор на фестивалот, проф. Цветан Недјалков, ќе го одржи новиот интерактивен мастер-клас „Од еден звук до музика“, посветен на импровизацијата, интеракцијата и креативниот избор. Подоцна истиот ден е предвидена и творечка средба со него.
За првпат свој мастер-клас на Sofia Guitar Fest ќе одржи и Свилен Ноев од групата „Остава“. Темата „Акустичната гитара во рок-група – од просторијата за проби до големата сцена“ ќе биде насочена кон неговото практично искуство од концертната сцена и студиото.
Ноев ќе покаже и како е снимена и како во живо се изведува песната „Шоколад“ на „Остава“.
Проф. Цветан Недјалков и Свилен Ноев ќе им се придружат на десетици гитаристи во традиционалното масовно свирење. Годинава заеднички ќе бидат изведени „Шоколад“ на „Остава“, „Може би“ на „Сигнал“, „Come As You Are“ на Nirvana и „Shape of You“ на Ед Ширан.
Концертната програма ќе почне на 18 септември со настап на „Остава“.
На 19 септември на сцената ќе настапат младите изведувачи Presto од Благоевград, Антон Котас и Борис Христов, познат од „Гласот на Бугарија“. Вечерта ќе заврши со концерт на Христов.
Фестивалот ќе заврши на 20 септември со настап на No More Many More.
Во програмата се вклучени и содржини за луѓе кои ги прават првите чекори во музиката. XS Artists – Music School ќе организира бесплатни обуки за почетници по пијано и гитара.
